Велшкиот актер Овен Рис Дејвис, на домашната публика најпознат по улогата на агентот Вилсон во серијата „Твин Пикс: Враќањето“, ненадејно почина на 44-годишна возраст.
Веста за неговата смрт ја шокираше јавноста, а социјалните мрежи се преплавени со емотивни пораки од неговите најблиски, кои го опишуваат како човек што бил „брат на многумина“.
Овен зад себе остави низа забележителни улоги. Покрај настапот во „Твин Пикс“, тој глумеше и во филмот на Дизни „Алиса зад огледалото“, како и во филмот „A Serial Killer’s Guide To Life“.
Неговиот талент го одведе и на сцените на прочуениот лондонски Вест Енд, каде што настапуваше во популарни продукции како „Волшебникот од Оз“ и мјузиклот „Mamma Mia!“.
Трогателна порака од братот: „Почина ненадејно, но мирно“
Тажната вест ја потврди неговиот брат Родри преку социјалните мрежи, објавувајќи емотивна порака.
„Со длабока тага, јас и татко ми ја споделуваме веста дека мојот брат Овен почина. За многумина ова ќе биде голем шок. Љубовта, пријателството и великодушноста што ги ширеше беа навистина огромни. Иако сè уште има неодговорени прашања околу околностите на неговата смрт, според информациите што ги имаме во овој момент, Овен почина ненадејно, природно и мирно“, напиша Родри.
Тој истакна дека огромниот број пораки со сочувство што ги добиле последните денови е доказ за влијанието што актерот го имал врз луѓето околу себе.
„Овен имаше среќа да има повеќе од едно семејство. Покрај биолошкото семејство, изгради исклучително блиски врски со многу пријатели, колеги и сакани луѓе. Исклучително сум горд што, покрај тоа што беше мој брат, беше брат и на многу други. Знаеме дека оваа загуба ќе ја почувствуваат многу луѓе и утеха наоѓаме во сознанието колку беше сакан“, додаде тој.
Колегите се простуваат со солзи
Смртта на Овен Рис Дејвис длабоко ги потресе и неговите колеги од актерскиот свет. Меѓу нив е и актерката Хејли Тамадон, која преку социјалните мрежи му упати последен поздрав.
„Срцето ми се крши кога слушам дека мојот прекрасен пријател почина. Овен беше сакан од многумина. Ја осветлуваше секоја просторија во која ќе влезеше. Имаме прекрасни заеднички спомени и се познаваме со години, но времето што го поминавме заедно во Лос Анџелес секогаш ќе ме насмее. Почивај во мир, драги мој. Моето срце е со неговите пријатели и семејството“, напиша таа.
Семејството засега не објави дополнителни детали за причината за смртта на актерот.



