Тешка сообраќајна несреќа со трагични последици се случи денеска на патниот правец Поградец – Ќафасан во Албанија, при што животот го загуби 26-годишна девојка од струшкото село Ливада.
Според првичните информации, несреќата се случила околу 11:30 часот кога дошло до судир помеѓу автомобил управуван од жена од Корча и возило со струшки регистарски таблички, зад чиј волан била македонска државјанка од Ливада.
Во судирот смртно настрадала 26-годишната Е.Л., која била сопатничка во возилото со македонски таблички. Повреди здобиле двајцата возачи, како и уште двајца патници од двете возила.
Повредените веднаш биле пренесени во најблиската болница, каде им била укажана медицинска помош. Според информациите на албанските медиуми, сите се во стабилна состојба и се надвор од животна опасност.
Надлежните служби извршиле увид на местото на несреќата, а истрагата треба да ги утврди точните причини и околности кои довеле до овој трагичен настан.


