Еден ден по Лазаровата сабота, во последната недела од велигденскиот пост, се прославува празникот Цветници, кој го симболизира влегувањето на Исус Христос во Ерусалим.
Името го добил по расцутеното гранче палма кое Исус го носел во рака при овој свечен чин.
Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен. Во таа смисла и празникот е наречен Цветници. Според толкувачите на Светото писмо, Исус влегол во Ерусалим качен на магаре затоа што кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни.
Магарето мирно му служело на човекот како што Исус му служел на народот.Пречекувајќи го Исус, воодушевениот народ со цвеќе, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините.“ Во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим уште од најрани христијански времиња е востановен празникот Цветници, кој се празнува од третиот век.
Карактеристично за овој празник е што и покрај тоа што се смета за голем, не значи дека не треба да се работи – напротив, ова е одличен ден за земјоделците, особено за оние кои одгледуваат лен и зелка.
Исто така, Цветници е и одличен празник на кој можете без грижа на совеста да започнете нешто ново или да носите важни одлуки.
Според верувањата, симбол на последниот викенд пред Велигден се копривата и врбата, па затоа во многу традиционални домови можете да видите украси токму од овие растенија.
На овој ден именден слават оние кои носат имиња изведени од некое цвеќе, на пример Цветанка, Ружица, Лилјана итн.