Поранешниот репрезентативец на Југославија, босанско-херцеговскиот селектор Вахид Халилхоџиќ, три години ја создаваше мароканската репрезентација и со неа се пласираше на Светското првенство, но беше сменет непосредно пред почетокот на турнирот во Катар.
Причина за промената беше тоа што Халилхоџиќ не сакаше во тимот да ги вклучи најголемите ѕвезди Хаким Зијеч и Нусаир Мазрауи.
Со својот заменик, Валидо Реграги, Мароко се пласираше во полуфиналето на шампионатот, а во интервју за „Аваз“, Халилхоџиќ изјави дека нема да го гледа дуелот меѓу неговите поранешни играчи против Франција, кој ќе се одигра во среда.
„Подобро е да не кажам ништо. Како да не сум бил таму три години, како да не сум работел со нив, како да не сум освоил ниту една победа со нив! Ми се гади од сето тоа, не сакам повеќе да зборувам за фудбал! Никој нема да каже, тоа е спорт, човек не може за десет дена да го направи тоа што може да се направи за три години“, рече Халилхоџиќ.
Легендата на Вележ од Мостар вели дека е огорчен, бидејќи учеството на Светското првенство во Катар требаше да биде круна на неговата тренерска кариера.
„Резултатот во фудбалот се постигнува со работа. Работев три години! Чувствував дека можам да го направам тоа! Дека тимот е подготвен, дека сите се желни за тоа. Сега ми се јавуваат од Америка, Канада, Египет, Јапонија, Африка… Не знам веќе што да кажам. Тоа беше мојата последна мисија, маестрално да го заокружам сето тоа, сепак, се тргна наопаку. Но, тоа е така, таков тип сум јас и не е прв пат“, вели Халилхоџиќ.
Во 2010 година со Брегот на Слоновата Коска и во 2018 година со јапонската репрезентација, Халилхоџиќ успеа да избори учество на СП во Јужна Африка и Русија, но исто така, добиваше отказ пред почетокот на Мундијалите.
„Сè во мојот живот ме пратеше и војна и сè. Не знам како ќе испадне ова, морам да живеам, имам семејство, има мали деца кои ги обожавам и тоа ми олеснува сè. Гледав неколку натпревари“, изјави Халилхоџиќ.