Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Вевчани го коментираше и бегството на затвореник осуден на 21 година затвор од „Идризово“ кој бил превезуван со затворско комбе за укажување лекарска помош и во кој инцидент беше ранет еден полицаец.
„Тие не можат еден затвореник да го пренесат од точка А до точка Б во Скопје, а не, пак, Македонија да ја однесат во ЕУ. Така што, еден општ хаос како на Дивиот Запад ни се случува и колку побргу имаме предвремени избори и колку побргу дојдат други луѓе толку побргу ќе завршат овие срамови што ни се случуваат“, изјави Мицкоски.
Како што објавивме претходно, од Управата за извршување на санкции го потврдија инцидентот и информираат дека се работи за осуденото лице Б.М од Тетово, осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и 2 за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Ние сме кажале дека граѓаните во Македонија не се безбедни од многу причини, не само поради ова филмско бегство на затвореник. И тоа доаѓа истиот ден кога Ковачевски и Владата на ДУИ поддржана од СДСМ не убедува ќе ја однесле Македонија во ЕУ“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.