Путин нема да ја доживее 2024 година, вели поранешен руски пратеник

Илја Пономарев, еден од водечките руски опозиционери и единствениот пратеник во рускиот парламент кој гласаше против анексијата на Крим во 2014 година, за „Њузвик“ рече дека рускиот претседател Владимир Путин ќе биде убиен од инсајдери во Кремљ до октомври оваа година.

Тој смета дека слабеењето на поддршката во Русија и стравот од потенцијално судење за воени злосторства може да доведат до тоа Путин да биде убиен од луѓе од неговата непосредна околина.

Advertisements

„Моќта на Путин лежи во неговата позиција на алфа мажјак, како личност која е непобедлива. Минатата година таа позиција почна да слабее. Мојата прогноза е дека нема да го види следниот роденден“, изјави Пономарев за „Њузвик“.

Тој додава дека негов личен сон е да го види во Хаг.

„Но, не верувам дека тоа ќе се случи. Неговата придружба нема да му дозволи да оди во Хаг бидејќи неговото сведочење може да биде многу штетно за нив. Ќе биде убиен“, изјави опозиционерот кој поради лична безбедност извесно време е надвор од Русија.

Инаку, Пономарев беше пратеник во Државната дума од 2007 до 2016 година, но сега живее во Украина, каде што го води новото движење наречено Прв конгрес на народни пратеници на Русија, за кое се надева дека Русија ќе ја трансформира во модерна демократија.