Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски, затоа што по две години власт нема исполнето ниту едно од ветувањата дадено пред граѓаните.
„Кога баравте власт и кога граѓаните ги молевте да ви дадат доверба, ветувавте сè и сешто. Ветувавте повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените, повеќе странски инвестиции, помал буџетски дефицит, умерено задолжување, поддршка на земјоделците, иднина за младите, правда, реформи и европски напредок“, рече Филипче.
Тој потсети дека истите ветувања биле содржани и во програмата „1198“, но дека граѓаните добиле сосема поинаква реалност.
„И во вашата програма 1198, и во вашето експозе, тука кога ја формиравте Владата, едноставно ветувавте мед и млеко. И сега помина половина од мандатот. Две години. А денес вистината е сурова. Ниту едно од овие ветувања не испорачавте. Граѓаните не добија подобар живот, не добија повисок стандард, не добија функционални институции, не добија правда и не добија европска иднина“, истакна Филипче.
Наместо ветениот напредок, граѓаните добија поскап живот, партизација и корупција, потецнираше Филипче.
„Што добија граѓаните? Поскап живот, празни паричници, празни фрижидери, презадолжена држава, партизирани институции, тендери, лаги и изолација. Ни 10% од ветеното во програмата нема исполнето. Само лаги, изолација и партиски тендери. Очигледно, тоа бил бројот 1198 и ништо друго“, рече Филипче.
На крајот, тој порача дека двегодишниот биланс на Владата може да се сумира со една бројка: НУЛА.
„Една голема нула. Нула за реформи, нула за зголемување на платите, нула за мерки за младите, нула за поддршка на земјоделците, нула за европскиот пат. И сега моето прашање е просто: Кој е крив за овие неисполнети ветувања? Кој е крив, премиере, за овие две изгубени години? Ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте? И немојте повторно да барате виновник. Немојте да сум виновник јас или Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.



