Претседателот на државата, Стево Пендаровски на Фејсбук објави фотографија од припадниците на македонската Армија кои вчера учествуваа во спасувањето на пет годишниот Сулејман кој повеќе од 10 часа се наоѓаше под урнатините во Кахраманмараш, Турција.
„Ова се припадниците на нашата Армија кои заедно со турските тимови го спасија малиот Сулејман од рушевините по силните земјотреси во Турција. Честитки“, напиша Пендаровски на Фејсбук.
Во Турција Македонија испрати 22 припадници на Баталјонот за специјални сили, во чиј тим се и две кучиња обучени за трагање, како и двајца водачи. Владата донесе одлука да се испратат уште 36 припадници на АРМ кои ќе учествуваат во хуманитарната операција во Турција по катастрофалниот земјотрес.
Како помош за санирање на последиците од земјотресот ќе бидат испратени и 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување.