Младеновска: Буџетот е празен – нема да има пари за пензии, загрозен е и вториот столб

Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, на денешната прес-конференција упати сериозни обвинувања до власта, тврдејќи дека Владата на Мицкоски систематски го уништува пензискиот систем во државата.

Според неа, финансиската состојба е критична, со зголемен дефицит во државниот фонд и директна закана за идните пензионери.

„Пари нема, дупката во ПИОМ е зголемена на 40%, а загрозен е и вториот пензиски столб. Гувернерот Трајко Славески, од ВМРО, изјави дека до 80% од идните пензионери кои ќе се пензионираат во периодот 2030–2032 година нема да можат да обезбедат ниту минимална пензија“, истакна Младеновска.

Таа додаде дека наместо да го зајакне вториот пензиски столб, Мицкоски најавува негово можно укинување или сериозно слабеење. Според партиските информации, плановите на власта се парите кои денес работниците ги уплаќаат во приватните пензиски друштва, да се префрлаат назад во државниот фонд – ПИОМ.

Од опозициската партија предупредуваат дека ваквите чекори се крајно опасни бидејќи вториот столб постои токму за да се намали притисокот врз државниот фонд и да се обезбеди дополнителна пензија. Неговото укинување би значело дека идните пензионери ќе зависат исклучиво од државниот буџет.

Како дел од тие мерки, Младеновска посочи дека Владата планира и зголемување на стапката за придонесот за задолжително пензиско за пренасочување на пари кон ПИОМ, што според неа е доказ дека фондот и буџетот немаат доволно пари.

Advertisements

Паралелно со ова, опозицијата алармира и за рапидно растење на јавниот долг чии трошоци за сервисирање стануваат сè поголем товар. Буџетскиот дефицит за целата година, како што рече, е потрошен уште во првата половина, а за само две години државата е задолжена со 2,5 милијарди евра нов долг.

„Сето ова се случува поради една причина: корупциските партиски тендери. Наместо парите да одат во пензии, плати, здравство, образование, тие завршуваат во џебовите на партиски послушници преку тендери скроени по мерка“, обвини членката на ИО на СДСМ.

На крајот од обраќањето, таа потенцираше дека со овие политики Владата ја уништува пензијата и на сегашните пензионери, но и на нивните деца и внуци. Мицкоски беше посочен како директно одговорен за тоа што идните генерации ќе работат цел живот, а на крајот ќе останат без достоинствена пензија.