Наумоски: Воведуваме ветинг за сите избрани и именувани функционери

Борбата против корупцијата е во срцето на нашата програма „Твоја држава – твоја шанса” изјави денеска членот на Извршниот одбор на СДСМ, Александар Наумоски.

„Нов Антикорупциски закон, посебно независно тело за борба против корупцијата, дигитални механизми за следење на јавните пари се првите чекори.

Воведуваме ветинг за сите избрани и именувани функционери од 90 тите до денеска. Секој функционер ќе мора да објасни од каде му е имотот и како го стекнал.

Посебна мерка-итна конфискација на нелегално стекнатото богатство. Праведно е граѓаните да знаат како функционерите дошле до својот имот.

Ги укинуваме имунитетите на функционерите, никој нема да биде над законот. Воведуваме ветинг и на судии и обвинители – Правдата мора да почне од оние што ја делат. Ќе воспоставиме јавен регистар на вистинските сопственици на компаниите.

Ќе воспостаиме директна и оперативна соработка со Европското јавно обвинителство, за заштита на јавните средства и откривање на корупцијата на највисоко ниво“ изјави Наумоски.

Advertisements

Праведно е, додаде Наумоски, секоја пријава за корупција да биде истражена.

„Затоа предвидуваме строги механизми за автоматска проверка и институционален надзор над случаите на корупција и злоупотреба на службената положба. Ова се праведни решенија за безкомпромисна борба против корупцијата.

Ова се решенија за држава во која законот важи подеднакво за сите. Држава во која чесноста се наградува, а криминалот се казнува.Само на овој начин довербата на граѓаните во системот може постепено да се врати. Затоа што правдата не е привилегија. Таа е право на секој граѓанин“ порача Наумоски.