Жерновски: Мицкоски брза на предвремени избори за да ја скрие испразнетата државна каса

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција упати сериозни критики до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека нагло го променил ставот и сега брза кон брзи предвремени избори.

Од опозициската партија порачаа дека Мицкоски со месеци тврдел дека избори нема да има, но сега најавува дека тие ќе се случат „многу скоро“, со што, според нив, уште еднаш докажал дека неговиот збор не вреди ништо.

Жерновски потенцираше дека СДСМ нема да биде соучесник или покритие за ваквите намери на премиерот.

„Опозицијата нема да му биде алиби на Христијан Мицкоски ниту пак да бидеме алиби за распишување избори“, изјави секретарот на СДСМ.

Според партијата, главната причина за брзањето кон гласачките кутии е обидот да се сокрие економскиот колапс, неисполнетите ветувања, падот на странските инвестиции за над 60 проценти и растот на сиромаштијата за 22 отсто.

Од СДСМ реагираат дека земјоделските субвенции се намалени за 40 милиони евра, а откупот бележи параз од 46 проценти, поради што младите масовно ја напуштаат државата.

Advertisements

Жерновски направи и меѓународна паралела за падот на рејтингот, поврзувајќи го актуелното политичко сценарио со случувањата во Унгарија и Србија.

„Падна Орбан, како што предупредувавме. А по Орбан, следува Вучиќ, па Мицкоски. Тоа е редоследот. Криминалната организација паѓа. Паднаа како домино“, истакна Жерновски.

На крајот, опозицијата обвини дека постојат „двајца Мицкоски“ – едниот кој ветувал поништување на Преспанскиот договор, а другиот кој денес го фали истиот, потенцирајќи дека партиските анкети се лажни и служат само како параван за падот на довербата.