Македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности, нема да се дозволи никаков инцидент на 4 февруари, уверува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по средбата со својот бугарски колега Иван Демерџиев.
„Оваа средба ја реализираме на неколку дена пред чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари, во услови на зголемени тензии и различни најави за евентуално нарушување на јавниот ред и мир. Сакам да потенцирам, да упатам јасна порака дека македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и дека апсолутно нема да дозволиме никаков инцидент, односно ќе имаме чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев“, рече министерот Спасовски.
Министерот Демерџиев потенцира дека бугарското Министерство за внатрешни работи ќе ги преземе сите мерки за да се избегнат провокации на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев.
“Работиме превентивно за да нема проблеми. Ќе направиме се’ што е неопходно од бугарска страна за чествувањето да помине како што треба. Да не дозволиме поединци да палат оган таму каде што го нема. Исто така, очекувам целосно расчистување на нападот врз Пендиков и виновниците да бидат казнети. Само со адекватни казни ќе спречиме слични случаи во иднина”, рече министерот Демерџиев.
На средвата двајцата министри ја потенцирале одличната соработка меѓу полициите на Република Северна Македонија и Република Бугарија.
„Министрите Спасовски и Демерџиев ја потврдија посветеноста на унапредувањето и продлабочувањето на билатералната и оперативната соработка, во насока на зајакната регионална соработка како еден од главните приоритети, посебно во делот на сузбивање на организираниот криминал, трговијата со луѓе, недозволената трговија со дрога, криумчарењето мигранти и справувањето со илегалната миграција. Во насока на добрата соработка меѓу двете полиции беа посочени и заедничките вежби на специјалните единици на двете земји кои минатата година во Софија и во Охрид“, се вели во сооштението на МВР за средбата на двајцата министри.