Ковачевски: Минатата година реализирани се 90 отсто од планираните проекти

Ако ги погледнеме капиталните инвестиции, во 2022 година реализирани се 90 проценти од планираните проекти, што е највисок остварен процент во претходните 10 години и највисок историски износ од 465 милиони евра и тоа во најкризна година“, рече премиерот Димитар Ковачевски, во своето обраќање на годишната конференција „Година на нови можности“.Тој посочи дека во делот на транспорт се градат и рехабилитираат 44 експресни, магистрални и регионални патишта, при што работите кај најголем дел од нив се завршени, а за некои се во тек, притоа истакнувајќи дека тече изградбата и реконструкцијата на автопати во должина од 59 километри.

„Во образованието, завршена е изградбата на 3 училишни објекти и уште 3 се во фаза на градба. Завршена е реконструкцијата на 29 училишни објекти и е започната во 21 училиште. Како што најавиме, следува реконструкција на 118 училишни објекти во целата држава. И ќе започнеме со целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови“, рече Ковачевски.

Advertisements

Ковачевски во своеот обраќање истакна дека во здравството реализирана е набавка на најсовремени апарати за дијагностика за 14 јавни здравствени установи, во соработка со Светска банка, за коишто инсталацијата е во тек, а вкупната вредност на инвестицијата е 13.6 милиони евра.

„Обезбедени се и нов линеарен акцелератор, нов апарат за зрачна терапија, нова магнетна резонанца, нов компјутерски томограф. Воедно, приватните лекари добија повисока вредност на капитациониот бод, од 63 денари на 75ден, додека капитацијата за приватните стоматолози сега е покачена и изнесува  61 денар по пациент“, рече премиерот Ковачевски.

Тој дополни дека во областа на животната средина, исчистена е едната од двете депонии во фабриката ОХИС од изомерите на лиднан, што со децении претставуваше закана по здравјето на граѓаните.

„Исто така, реализирани се, или е во тек, реализација на околу 40 проекти. Меѓу нив, од буџетот за 2022-ра година се наменети средства во вредност од 3,2 милиона евра за водоснабдителни системи за повеќе населени места и средства во вредност од 1 милион евра за реконструкција и надградба на колекторскиот систем и пречистителна станица во општина Дојран“, рече Ковачевски.

Ковачевски во своето обраќање информираше и за 78 целосно реконструирани објекти на Полицијата, од коишто 7 минатата година, во вкупна вредност од над 8 милиони евра.

„Армијата ја модернизираме според НАТО стандардите, за што веќе се во тек неколку повеќегодишни капитални проекти, набавка на лесни оклопни возила од САД, набавка на опрема за противвоздушна обрана, за што е потпишан договор со Франција, а склучени се и договори за набавка на артилериски системи во соработка со Турција, како и за ремонт на транспортни хеликоптери со Чешката Република“, рече Ковачевски.

Тој истакна дека иззвршната власт прави напори за подобрување на ефикасноста во правосудство, преку осовремнување и дигитализација на судници.

„Со Буџетот за 2023 година обезбедивме: 250 милиони евра за антикризни мерки, 1,2 милијарди евра за пензионерите, 57,5 милиони евра повеќе за трансфери за општините, 63 милиони евра повеќе за здравствени услуги, 800 милиони евра за капитални расходи. Граѓаните сакаат стабилност, сакаат ред и поредок, сакаат прогрес и решенија, сакаат реален подобар живот! Тоа е остварливо. Република Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат, со потребните реформи во сите области и ќе биде рамноправна членка на Европската Унија.Тоа е веќе неповратен процес“, порача премиерот Ковачевски на конференцијата „Година на нови можности“, што се одржува во Скопје.