Србија со противпожарен хеликоптер ќе ни помогне да се справиме со огнената стихија во Неготинско

Србија ќе испрати помош од Хеликоптерската единица и Одделението за вонредни состојби на МВР за гаснење на шумските пожари во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Противпожарен хеликоптер Камов К-32 со капацитет од 5 тони вода, со 7 припадници на Министерството за внатрешни работи, Хеликоптерската единица и припадник на Секторот за вонредни ситуации, утре ќе заминат за Република Северна Македонија во 9:30 часот, соопшти министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Дачиќ наведе дека помошта се испраќа врз основа на барањето на Владата на Северна Македонија за давање помош во гаснењето на шумските пожари.

Advertisements

Тој појасни дека припадниците на МВР на Србија ќе бидат ангажирани во гаснењето на пожарот на планината Серта во загрозената област во општините Неготино, Конче и Штип.

Дачиќ претходно денеска изјави дека барање за помош пристигнало телефонски од Северна Македонија поради големиот број пожари што избувнаа на територијата на земјата.

Владата на Северна Македонија претходно прогласи кризна состојба поради големиот број пожари, која ќе трае 30 дена.