Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, дел од владејачката коалиција, на денешната пленарна седница на македонското Собрание, на која на дневен ред е Буџетот за 2023 година, зборувајќи за корупцијата и случајот „Таргет-Тврдина“, истакна дека владеењето на правото не е приоритет на Владата, а тоа мора да биде.
„Владеењето на правото мора да биде приоритет на Владата, а тоа не е! Ако имаме некредибилен судски систем, кој е под целосна контрола на политичките партии, власта, тогаш нема да бидат министрите изненадени, разочарани од последните судски одлуки за „Трезор“ и „Таргет-Тврдина“, туку ќе предложат и ке преземат конкредни решенија“, рече Трајанов.
Лидерот на Демократскиот сојуз предлага со закон да им престане мандатот на година дена на сите судии.
„Предлагам, Владата да подготви закон или закони, со кои во текот на година дена ќе им престане мандатот на сите судии, од основните судии, па се до Врховниот суд и во тој период за секој судија да се спроведе постапка за ревизија на неговата работа,имотната состојба и постапка за реизбор“, рече Трајaнов на пленарната седница.
Тој предлага професионални, чесни и некомпромитирани лица да продолжат да бидат судии, а другите да понесат одговорност. Според него, тоа би бил конкретен придонес, а не да се замајува јавноста со изјавите дека судиите треба да бидат засрамени.
„Последните судски одлуки се резултат на корумпиран политичко судски пазар, а не самостојни одлуки на судиите. Предлог законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка и покрај поддршката од надлежните комисии, го блокирате и не дозволувате фер судење, за да се види одговорноста на политичкиот врв, обвинителите и судиите, во над 200 монтираните судски процеси. Дојдовте на власт со паролата, НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР, а од правда ниту првата буква“, нагласи Трајанов.