Петровска: НАТО ги отвори вратите за македонските компании да учествуваат на тендери

„НАТО не е само безбедност, туку и економска шанса. Со членството во НАТО се создаде една голема можност компаниите од нашата земја да учествуваат во нивните тендерски постапки и да понудат производи кои би можеле да ги испорачаат за потребите на НАТО алијансата. Се работи за еден значителен буџет, којшто се мери во милијарди евра“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната информативна средба со претставници на бизнис-секторот во Стопанската комора на Република Северна Македонија.

Пред извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев и македонските стопанственици, министерката Петровска порача дека како дел од евроатлантското семејство, Северна Македонија е доверлив и достоинствен сојузник и дека НАТО пазарот е компетитивен пазар којшто не треба да ни претставува пречка, туку да ни биде дополнителен мотив да бидеме подобри, поефикасни и поквалитетни.

Advertisements

„НАТО пазарот е потенцијал за дополнително раздвижување на целата наша економија, затоа што спектарот за потребите на НАТО за кои се распишуваат набавки е широк, а за огромен дел од тие потреби, во нашата земја има компании што ги нудат тие производи или услуги со конкурентни цени. Во нашата земја имаме големо производство кое може да биде понудено, пред сѐ во делот на прехранбената, текстилната, металната индустрија, како и во делот на пропратните логистички потреби“, рече министерката.

Петровска додаде дека бизнисот во Центарот за поддршка на компании во Министерството за одбрана има доверлив партнер кој е подготвен да помогне со сите информации и знаења за процедурата да биде полесна и поефикасна и да бидат исполнети пропишаните услови.

„До сега постапка за регистрација за учество на НАТО јавните набавки имаат направено 23 компании, но јас како министерка ве охрабрувам и ве поканувам заедно да ги искористиме овие можности, а со тоа да придонесеме за јакнење на економијата во државата.Овој Центар мора да се искористи. Нашата цел е да им помагаме на компаниите првенствено да извршат регистрација во НАТО агенциите, а потоа да добијат пристап до објавените тендери. Центарот е во функција на пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на тендери, како и за поврзување на македонските компании со светските гиганти кои веќе имаат активни договори со НАТО агенциите, а имаат потреба од добавувачи“, рече министерката.

Во однос на поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата“, кој е дел од проектот МКД НАТО 2030, министерката Петровска посочи дека целта е да се создаде сојузништво или партнерство, помеѓу Министерството за одбрана, граѓанското општество и коморите, со една единствена цел – да се креираат одржливи решенија кои што ќе придонесат за целосно искористување на нашите национални капацитети и потенцијали, а се во интерес на државата.

„Овој поткомитет преку заедничка соработка треба да овозможи ,конкретни мерки, конкретни активности преку кој ќе се олесни и значително ќе се подобри пристапот на нашите компании на НАТО пазарот, сè со цел да придонесе кон подобрување на македонската економија, меѓутоа и да се отворат нови работни места, заради тоа што НАТО алијансата е безбедност, меѓутоа дава и економска шанса на сите нас“, подвлече министерката.