Светските енергетски пазари денеска забележаа остар пресврт, откако цената на суровата нафта од типот „Брент“ падна под 90 долари за барел, бележејќи значително намалување од речиси 12% во текот на денот.
Главната причина за ваквиот пад е објавата од Иран дека Ормутскиот теснец повторно е отворен за комерцијален поморски сообраќај. Овој клучен енергетски коридор, низ кој поминува околу една петтина од глобалната трговија со нафта, изминатите денови беше под закана, што ја одржуваше цената на високo ниво.
По веста од Техеран, инвеститорите реагираа со масовна продажба на нафтени фјучерси, што доведе до брз пад на цената – од околу 99 долари на приближно 87 долари за барел во рок од неколку часа. Ова е првпат од 9 април цената да се спушти под 90 долари.
Развојот на настаните може да има директно влијание и врз домашниот пазар. Доколку трендот на пониски цени се задржи, се очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за намалување на цените на горивата во Македонија.
Експертите проценуваат дека доколку „Брент“ остане под ова ниво, бензинот и дизелот би можеле да поевтинат за неколку денари по литар во наредниот период.

