Брачни двојки и од Словенија и Србија сакаат да го посвојат бебето кое се роди во земјотресот во Сирија

Откако порталот „Аваз“ ја објави веста дека млад брачен пар од Сараево сака да го посвои девојчето родено во урнатините во земјотресот во Сирија, голем број луѓе се јавиле во таа редакција со надеж дека и тие ќе  стигнат до бебето кое остана сираче. Мајката починала по породувањето.

За да го посвои новороденчето се јавила и жена од Брчко, но и многу други кои сакаат на ова бебе да му подарат среќен и топол дом.

„И мојот сопруг и јас би сакале да го посвоиме тоа девојче, бидејќи не можеме да имаме сопствено дете. Ние сме од Словенија. Дали знаете како да стапиме во контакт со болницата каде што моментално е бебето?”, прашала жена преку мејл на порталот„Аваз“.

Advertisements

И брачен пар од Србија се јавил во редакцијата.

Бебето е во стабилна состојба, сместено е во инкубатор во сириска болница.Како што пренесуваат медиумите, девојчето е единствениот преживеан член од семејството. Мајката се породила додека тлото се тресело. За жал, таа починала. Под урнатините згаснал животот и на таткото и на уште четири браќа. Освен бебето, никој не преживеал.

Новороденчето било спасено во понеделникот попладне, повеќе од 10 часа по земјотресот. Откако спасувачите ја ископале, соседот ја пресекол папочната врвца, а потоа итно го однеле бебето во детската болница во блискиот град Африн, каде што била задржана во инкубатор, изјавил докторот на бебето, д-р. Хани Маруф, јави АП.