Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, за време на сослушување пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на САД призна дека имал три вонбрачни афери и откри дека покојниот Џефри Епштајн бил запознаен со тие детали од неговиот приватен живот.
Според транскриптот од сослушувањето, Гејтс изјавил дека неговиот однос со Епштајн бил од професионална природа и дека никогаш не присуствувал на неговите кривични дела ниту бил вмешан во сексуално недолично однесување.
Тој објаснил дека со Епштајн се запознал во 2011 година преку својот соработник Борис Николиќ, за кого верува дека му ги пренел информациите за неговите вонбрачни врски. Гејтс тврди дека Епштајн подоцна се обидувал да ги искористи тие информации како средство за притисок.
Милијардерот признал дека имал три афери, меѓу кои и со медицинската претприемачка Алис Џејкобс Неселрод, како и со две Русинки – Мила Антонова и Карима Нигматулина.
Гејтс исто така изјавил дека бил свесен за претходната кривична пресуда на Епштајн од сексуална природа, но сепак продолжил да одржува контакти со него бидејќи верувал дека може да помогне во обезбедување средства за проекти поврзани со глобалното здравство.
Тој додал дека денес жали што не обрнал поголемо внимание на минатото на Епштајн и нагласил дека деловната соработка не ги дала резултатите кои ги очекувал. Гејтс ги отфрли и обвинувањата од белешките на Епштајн, оценувајќи ги како невистинити.
Џефри Епштајн беше уапсен во 2019 година под обвинение за трговија со луѓе и сексуална експлоатација на малолетнички, а истата година почина во затвор додека го чекаше судењето.



