Трамп: Денешниот израелски напад врз Бејрут не требаше да се случи

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека денешниот израелски напад врз Бејрут „не требало да се случи“ и повика да не се уништи можноста за постигнување договор.

„Особено не на посебен ден кога сме толку блиску до мировен договор со Иран“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social. Претходно тој најави дека токму денеска би можело да биде постигнато рамковно решение меѓу Вашингтон и Техеран.

Трамп оцени дека Израел има право да се брани, но додаде дека нападот на кој одговорил бил „многу мал и безначаен“. Според него, САД и Иран се многу блиску до договор што би донел мир во регионот, вклучително и во Либија.

„Не треба да има повеќе напади ниту од Израел ниту од која било друга страна. Ова може да биде почеток на долг и убав мир. Да не го уништиме тоа“, порача Трамп.

Во меѓувреме, заменик-командантот на иранскиот централен штаб Мухамед Јафар Асади изјави дека израелските „злосторства“ во јужните предградија на Бејрут нема да останат неказнети. Израел соопшти дека во нападите биле погодени цели поврзани со Хезболах.

Главниот ирански преговарач Мохамад Багер Галибаф, пак, ги обвини САД дека не ги исполнуваат своите ветувања, оценувајќи дека израелските напади ги загрозуваат разговорите меѓу Техеран и Вашингтон.

Advertisements

Според француските медиуми, три лица загинале во денешниот израелски воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут, втор таков напад во последната недела. Израел соопшти дека акцијата била одмазда за напади на Хезболах врз северните делови на земјата.

Иран, од своја страна, инсистира секој евентуален договор со САД да биде проследен со целосен прекин на огнот, вклучително и во Либан.