Со длабока тага, јавноста е известена за смртта на археологот Ване П. Секулов, долгогодишен вработен и почитуван стручњак, чија работа остави значаен белег во археологијата и заштитата на културното наследство во Струмица и пошироко.
Ване П. Секулов беше препознаен како врвен професионалец, посветен археолог и човек кој со голема љубов, знаење и одговорност му пристапуваше на секој сегмент од својата работа. Неговата стручност, истражувачки дух и искрена посветеност кон проучувањето и зачувувањето на културното наследство го вбројуваа меѓу најценетите стручни лица во својата област.
Дипломирал на Катедрата за археологија и историја на уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по што целиот свој професионален ангажман го посветил на археолошката наука и истражувањето на богатото историско наследство. Беше долгогодишен истражувач на локалитетите Црвено Поле и Римската терма во Банско, а во текот на својата кариера раководеше и учествуваше во бројни значајни археолошки истражувања во Струмица и Источниот регион на Македонија.
Како автор на голем број стручни публикации, особено од периодот на Римското Царство, Секулов даде значаен придонес во научната јавност. Беше главен организатор на меѓународниот симпозиум по археологија, како и иницијатор за публикување на стручниот зборник Acta Musei Tiberiopolitani. Активно учествуваше на бројни симпозиуми и научни конференции во земјата и странство, каде ги презентираше резултатите од своите истражувања и несебично го споделуваше своето знаење со колегите и помладите генерации.
Неговиот придонес во промоцијата, заштитата и конзервацијата на културното наследство ќе остане трајно запаметен, а неговото име ќе продолжи да живее преку делата што ги остави зад себе.
Погребот ќе биде одржан во сабота, 23 мај, во 13:00 часот на Градските гробишта во Струмица, додека телото ќе биде изложено во капелата од 11:00 часот.
Во овие тешки моменти, семејството, блиските, пријателите, колегите и целата стручна јавност се простуваат од човек кој остави неизбришлива трага во македонската археологија.




