Ако денес не успеавте да стигнете на вашиот однапред закажан лекарски преглед. Ако денес не успеавте да го огнесете вашето детенце во градинка или во училиште. Ако денес не успеавте да стигнете на вашето работно место или на факултет и притоа во гужвата видовте заглавено возило на пожарна или на Брза помош сетете се дека позади овие блокади и хаос стојат луѓе со име и презиме, порача Стефан Богоев, потпретседателот на СДСМ на денешната прес конференција.
Тој упати апел во име на граѓаните и на неговата партија веднаш, како што рече, да прекине и блокадата на главниот град која што има име и презиме и виновници позади истата.
„Доста беа блокади во Собранието, доста беа блокади во државата, доста беа блокади на евроинтеграциските процеси, порача Богоев.
Во продолжение прес конференцијата на Богоев интегрално:
– Еве едно потсетување. Оваа слика е направена на денот на локалните избори лани, пред околу една година. Направена е пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
На сликата Христијан Мицкоски со ново блузонче со патентече, видно расположени со потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николоски, срамежливо од позадина ѕирка Трајко Славески, денешен претседател на Советот на град Скопје, а во средина во бел капут, Данела Арсовска, денешна градоначалничка на град Скопје, пречекана со зурли и тапани и трубачи којшто ја свират Бела Чао, на настан на којшто ВМРО-ДПМНЕ прогласи убедлива победа и преземање на градот Скопје.
Денес луѓето од оваа слика се наводно скарани за тендер и провизии од повеќе од 130 милиони евра.
Од другата страна на протестите, од другата страна на блокадите, од другата страна на хаосот, Ленин Јовановски.
Присутен на сликата во друштво со Христијан Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ видно расположени што би рекол народот со ѓезме и со мезе. Ленин Јовановски важи за долгогодишен поддржувач на политиките на Никола Груевски, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
На двете слики којшто ги видовте што би рекол Мицкоски математички прецизни, најмал заеднички содржател е токму самиот тој, Христијан Мицкоски. Присутен во друштво на двете страни од хаосот, сврзно ткиво на двете наводно завојувани страни кој го кочат и блокираат главниот град неколку денови. И бидејќи Јавните претпријатија на град Скопје имаат директори и членови на управни и надзорни одбори од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Советот во град Скопје е предводен од претседател и мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, бидејќи од една страна е Данела Арсовска сликана, поддржана од Христијан Мицкоски, од друга страна Ленин Јовановски, поддржувач на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, оттука СДСМ во име на граѓаните и на Скопјани денеска бара веднаш и без одлагање Христијан Мицкоски да издаде партиска директива, партиска задача или партиска наредба до неговите Данела, Трајко, директори и раководители на Јавните претпријатија на град Скопје и до неговиот поддржувач Ленин Јовановски. Веднаш да ги тргант блокадите, веднаш да го ослободат градот Скопје и да ги ослободат скопјани да можат слободно и безбедно да се движат во нивниот главен град“, порача Богоев.