Ахмети ја уверил Агелер: ДУИ се партнери во борбата против организираниот криминал и корупцијата

ДУИ се партнери и целосно достапни за прогресивната проевропска агенда, владеењето на правото, реформите и борбата против организираниот криминал и корупцијата, порачал Али Ахмети на средбата со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер, која се одржа вчера во седиштето на партијата во Мала Речица.

“Соработката меѓу двете земји, евроинтеграциите, уставните измени и реформи, политичката состојба во земјата и регионот, како и процесот на ветинг беа само неколку теми на кои разговараа Ахмети и Агелер“, соопштуваат од ДУИ.

Од таму истакнуваат дека Ахмети изразил уверување дека враќањето на амбасадорката Агелер и нејзиното познавање на земјата и околностите ќе придонесе за унапредување на билатералните односи и уште поголемо зајакнување на соработката меѓу двете земји.

Advertisements

Помеѓу другото, лидерот на ДУИ изразил благодарност за американската помош за реформите и процесот на евроинтеграции.

„Целосната интеграција на нашата земја и на Западен Балкан во Европската Унија е дополнителна гаранција за стабилноста и просперитетот на регионот“, се вели во соопштението на ДУИ за средбата на Ахмети со Агилер.

На средбата Ахмети и Агелер разговарале и за потребата од уставни измени како услов за продолжување на европскиот пат на земјата, поради што било оценето дека сите политички сили во државата не треба да ја држат во заложништво иднината на државата и нејзините граѓани.

Ахмети на средбата истакнал дека процесот на ветинг е неопходен за прочистување на инкриминираноста на личностите во сите сфери, од политиката до обвинителите и судиите, како форма на контрола, пред да бидат избрани за одредени задачи.