Градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими пријавил во полиција жител на ова село кој упатил смртни закани кон првиот човек на Општината.
„На 23.05.2023 полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Р.А. (69) од с.Арачиново постапувајќи по претходна пријава од Р.И., градоначалник на општина Арачиново, кој пријавил во СВР Скопје дека, додека тој не бил присутен во општинската зграда, Р.А. пред други присутни лица упатувал закани по животот на градоначалникот, а во врска со предмет за доделување на користење на земјиште.
По документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „Загрозување на сигурноста” по член 144 став 4 од КЗ на РСМ“, информира МВР.
Градоначалникот Ридван Ибраими ја води општината Арачиново од 1 ноември 2021 година.