Колумна на професорот Зоран Киткањ: Избори на УКИМ-кој не треба да биде избран?

Реално гледано, програмите на сите кандидати за Ректор на УКИМ, најпрестижната високо образовна и научна институција се прифатливи, но не сите кандидати се доволно свесни дека функцијата ректор покрај привилегиите има и сериозни обврски за чие исполнување е потребно труд, искреност, чесност, несебичност, коперативност, транспарентност и многу други доблести кои ќе му овозможат успешно и ефикасно да го претставува нашиот универзитет во земјата и во странство.

УКИМ може да го води личност која е докажана, потврдена и препознатлива не само во академската, туку и во пошироката домашна и меѓународна јавност. Убеден сум дека двајца од кандидатите нема да можат да се носат со функцијата Ректор на УКИМ . Едниот од нив е деканот на Филозофскиот факултет проф. д-р Ратко Дуев, а другиот проф. д-р Атанас Кочов, поранешниот декан на Машинскиот факултет.

Кандидатот проф. д-р Ратко Дуев нема капацитет да се грижи за законитоста и статутарноста во работењето на универзитетот како една од надлежностите на ректорот. Имено посочениот кандидат во својот прв (четиригодишен)  и во актуелниот тригодишен мандат ја злоупотребува својата положба преку исплата од по 500 ЕУР месечно во денарска противвредност од буџетот на Филозофскиот факултет за консултантски услуги на адвокатска канцеларија од Скопје.

Почитувани колешки и колеги членови на ННС-ти  на единиците на УКИМ или народно кажано во овој случај избирачи на ректор, до крајот на учебната година нашиот декан има исплатено 66 месечни рати по 500 ЕУР во денарска противвредност или 33.000 ЕУР.  До крајот на мадатот треба да се исплатат уште 18 месечни рати бидејки обврските можат да се поништат во согласност на двете страни потписнички на договорот, што значи вкупно 84 месечни рати по 500 ЕУР или вкупна сума од 42.000 евра.

Advertisements

За волја на вистината на Филозофски факултет имаме вработено три правника од кои еден со положен правосуден испит. На факултетот исто така имаме и две професорки со Правен факултет, професори од областа на социологија,  педагогија, психологија, историја и други образовни профили кои се компентентни за прашања од областа на образованието, правото и други професии.

Одлучете сами зошто деканот Ратко Дуев, кандидат за ректор, се одлучил за консултантски услуги од адвокатска канцеларија. Од многу силната консултантска и адвокатска канцеларија нашиот факултет изгуби два судски случаи со две наши професорки. Едниот случај беше толку смешен што и лаик правник не би се осмелил или дозволил да се процесуира судски предмет.

Сакам да ја запознаам целокупната академска заедница дека во мандатот на нашиот декан, сега кандидат за ректор, се случи невиден скандал во изборот и потврдување за редовен професор на две наши колешки и еден колега. За две недели нивната уредна документација со избор од ННС на ФЗФ не успеа да стаса до Ректоратот на УКИМ. Ректоратот е само на 100 метри од Филозофски факултет, на полжав да беа прикачени документите за избор на нашите колеги ќе стасаа до ректоратот. Како сенатор во поранешниот состав го известив Генералниот секретар на УКИМ, Ректорот и поголем број на членови на Универзитетскиот Сенат да се преземат сите мерки за да не дојде до прекин на работниот статус и емоционалното страдање на нашите колеги, но и да не се девалвира УКИМ.

Консултиравме и двајца професори од Правен факултет и истите не можеа да поверуват дали такво нешто може да се случи. (Само будала и глуп човек може да помисли дека така може да им го прекине работниот однос на колегите, тоа беше коментарот на еден од колегите од Правен факултет кој во оваа прилика не сакам да го именувам). За среќа на сите нас и благодарение на Секретарот на УКИМ и правната служба навреме беа изготвени и потпишани АНЕКС ДОГОВОРИ за  засновање или продолжување на работниот однос од страна на Ректорот и тројцата колеги/шки со што истите немаа прекин на раборниот однос. Инаку постапката за избор и самите ја знаете дека истата трае 3-4 наставнички совети, односно околу 5 месеци.

Исто така сакам да ве информирам дека еден од продеканите на Филозофскиот факултет е неговиот кум, додека раководител на службата за материјално и финансиско работење е неговата кумашинка. Дали навистина таков човек треба да управува и да одлучува за финансиски и материјални прашања на универзитетот како една од надлежностите на ректорот.

Во оваа прилика сакам да ве известам дека кандидатот Ратко Дуев со своја група професори вклучувајќи и лица од администрацијата оди на конференции чија тематика нема врска со неговата и нивната проблематика. (Сараево, Цавтат).
Како може професор чиј матичен институт и студиска програма од прв циклус на кој еден или преку сила двајца кандидати се запишуваат во втор или трет уписен рок да зборува за осовременување на наставата.
На кого Дуев држи настава?

Наместо да троши материјални средства (котизации, сместување и авионски билети и угостителски услуги за него и за неговата група) за конференции кои немаат врска со неговата научна област, да се посвети на промовирање на студиска програма од неговиот матичен институт т.е. Институт за класични студии. Да ги посети средните гимназиски училишта во државата да ја промовира студиската програма и да си ја заработи платата. Се прашувам за кого одработува кандидатот Ратко Дуев кога знае дека не може да победи, дали се додворува на некој од кандидатите за да обезбеди проректорско место.

За сите изнесени податоци во врска со кандидатот проф. Ратко Дуев изјавувам  дека ја преземам кривично правната одговорност.
Во оваа прилика сакам да ве известам за да не биде некој во заблуда, дека некоја од големите партии му ја дава подршката на проф. Ратко Дуев. Ниедна партија не се занимавала со неговите амбиции. Мицковски ништо не го интересира освен предвремени избори, а премиерот Ковачевски главата не знае каде му е од мерките што треба да ги преземе за стопирање на инфлацијата. Шпекулација е дека една од продеканките на Филозофскиот факултет обезбедила партиска поддршка за проф. Дуев. Фамилијарните математики се една работа, а реалноста сосема нешто друго.
При ИЗБОРОТ за РЕКТОР  треба да водиме сметка за степенот на ризик од можна злоупотреба на укажаната доверба.
Во оваа прилика сакам да го прашам и кандидатот проф. Атанас Кочов за кој универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ќе се залага, за нашиот од Скопје или за оној од Велико Трново од Бугарија. Одборот за акредитација во кој членува и проф. Атанас Кочов (известител) даде согласност до Владата за донесување на ОДЛУКА за одобрение за вршење на високообразовна дејност на странска В.О.У. – Великотрновскиот универзитет Св. Св. Кирил и Методиј на територијата на Република Северна Македонија.
Со негова помош како член на матична комисија за отварање на Факултет за технички науки при формирањето на Универзитетот на ,,Мајка Тереза,, (сл. Весник 22 март 2021) направи конкуренција на УКИМ т.е. на самиот себе.
Со други зборови кажано, тоа некој може да го сфати дека проф. Атанас Кочов се раководел од краткотрајни и моментални социјални или материјални потреби.

Д-р Зоран Киткањ, универзитетски професор

 

Колумната го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на порталот Глаголица