Британскиот водител Џереми Кларксон (66), познат по емисиите „Top Gear“ и „The Grand Tour“, откри дека му е дијагностициран агресивен облик на рак.
Веста ја сподели во новите епизоди од серијата „Clarkson’s Farm“, во разговор со своите соработници.
Кларксон открил дека дијагнозата ја добил во мај 2025 година, по направени прегледи и биопсија. Иако станува збор за агресивна форма на рак, болеста била откриена во рана фаза.
„Имам рак“, им соопштил тој на своите блиски соработници, додека тие разговарале за плановите на фармата.
Според британските медиуми, станува збор за рак на простата, но Кларксон првично не сакал јавно да открива детали за местото каде се наоѓа болеста.
Поради лекувањето, водителот морал да направи пауза во работата на фармата, а подоцна открил и дека ќе мора да биде опериран.
Во емотивни сцени од болничкиот кревет, Кларксон призна дека терапијата не поминала целосно според очекувањата.
„Некои работи за време на лекувањето тргнаа наопаку. Ќе бидам тука уште некое време. Не знам што ќе се случи понатаму. Ако сè помине добро, ќе се видиме во шестата сезона. Ако не, нема“, порача тој до гледачите.
Кларксон и претходно имаше сериозни здравствени проблеми – во 2024 година заврши во болница поради проблеми со срцето, кога му беше вграден стент поради затната артерија.
И покрај тешката дијагноза, потврдено е дека серијата „Clarkson’s Farm“ ќе добие шеста сезона, а снимањето ќе биде приспособено на неговото закрепнување.



