Мицкоски за Преспанскиот договор: Ветуваа бесплатно здравство и образование, а добивме само членство во НАТО

Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати сериозни критики до опозицискиот СДСМ и тогашните европски претставници во однос на ветувањата дадени пред осум години со потпишувањето на Преспанскиот договор.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на реконструираната Општа болница во Струмица, премиерот потенцираше дека партијата која го донесе договорот денес испраќа пораки полни со конструкции и лаги. Тој потсети дека тогашните евробирократи ветувале бесплатно и поквалитетно здравство, образование и брзи преговори со ЕУ, но од сето тоа се исполнило само членството во НАТО.

Ваквите искуства, според Мицкоски, директно ја диктираат стратегијата на новата извршна власт на меѓународен план, која повеќе нема да се заснова на попуштање без аргументи.

„Поучени од тие лекции од минатото, ние денес ја водиме нашата надворешна политика, политика која не е составена од гланцање чевли на евродипломати во Брисел и коленичење, туку која се темели на аргументи. Така се бориме во овој момент и така создадвме пријатели. Ова не е спринт, ова ќе биде маратон, имајќи ги предвид грешките од минатото. Но, ние сме подготвени да се бориме, се бориме и така ќе продолжиме“ – изјави премиерот.

Мицкоски додаде дека Владата е максимално свесна за бројните предизвици кои претстојат, но изрази подготвеност тие да се решаваат сукцесивно.

„Никако нема да се предадеме. Битно е дека Македонија забрзува и дека како многу пати во минатото, и овојпат ќе победиме“ – нагласи тој.

Advertisements

Во однос на соработката со Грција, премиерот децидно подвлече дека нема никакви бариери за средби со лидерите од соседството, посочувајќи дека во моментов се работи на важни заеднички енергетски и прекугранични проекти.

„Немам никаков проблем да се среќавам и да разговарам со сите соседи, претставници на влади од нашето соседство. Ние со нашиот јужен сосед работиме на многу проекти, меѓу кои и гасниот интерконектор, нафтоводот, прекугранични проекти,… Со Киријакос Мицотакис сме во иста група, во европското семејство на народните партии, со Неа демократија сега се видовме во Тиват. Јас не живеам од стереотипи и антагонизам, суштината во животот е да создадете пријател повеќе и во рамки на тоа пријателство да размените ставови на некои состојби со кои не се согласувате. Не може за се да се согласиме, но важно е да разговараме. Јас апсолутно сум подготвен со секого да разговарам на сите теми, па и за оние за кои не се согласуваме“ – заклучи Мицкоски.