Никогаш нема да се случи некој на улица да ја преземе власта – Вучиќ најави предвремени избори

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека ќе треба да има предвремени парламентарни избори, а преодна влада Србија нема да има.

„Ќе продолжиме да чекаме некои луѓе да дојдат и да разговараат, никогаш нема да се случи некој на улица да ја преземе власта. Верувам дека допрва ќе најдеме соговорници меѓу оние кои треба да покажат сериозност, ако не – да одиме на избори“, рече Вучиќ, пренесуваат српските медиуми.

Тоа, како што објасни, ќе значи забрзано распуштање на српскиот парламент бидејќи има рокови.

Advertisements

„Таа (премиерката Ана Брнабиќ) поднесува оставка, како претседател имам обврска да му ја понудам функцијата на друг во рок од 30 дена. Доколку нема мнозинство во Националното собрание и кога се смета дека тоа не е можно, ако Ана поднесе оставка, СНС нема да сака нов мандат затоа што сме задоволни од нејзината работа.Тоа значи дека по тој месец ни остануваат уште 45-60 уставни дена за одржување нови избори. Во согласност со тоа, подготвени сме да се договориме за датумот и дали треба да има и други избори во исто време, но тоа не е прашање на волјата на партијата, туку на сите политички чинители“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека како претседател ќе почека да дојдат на разговори сите оние на кои им испратил покана.

„Ќе им кажам дека тоа е единствениот можен начин да се донесат промените што толку ги сакаат – да учествуваат на изборите, да ја добијат мнозинската поддршка од народот на изборите, а потоа да добијат мандат од претседателот, за да формираме нова влада“, рече претседателот.

Вучиќ додаде дека некои создавале тензии не затоа што имале политички барања, туку затоа што имале барања од одредени тајкуни за спроведување на нивните интереси.

„И тоа можете да го видите преку барањата, бидејќи нема ниту едно барање што се однесува на децата. Ниту едно барање не се однесува на правата и положбата на децата, наставниците, ниту една социјална група освен политичарите и еден тајкун“, вели Вучиќ.