Кекеновски: Барањата на Бугарија се ступидни, илузорни и шовинистички, ако опстои ВМРО – ДПМНЕ на ставот ќе излезе посилна

Нема држава во светот и народ кој може да прифати или кој досега прифатил вакви уцени кои водат до уништување на македонското битие и негово опстојување, вели професорот Јове Кекеновски со кого разговараме за можната разрешница на политичката криза предизвикана од барањата да се внесат Бугарите во македонскиот Устав, прашање за кое ќе се кршат копјата на собраниска седница на 18 август.

Во интервју за Глаголица професорот Кекеновски зборува и за евентуални предвремените парламентарни избори и референдум за измени на Уставот, за обезличените, како што вели, политички структури и сервилните политичари кои цело време бесрамно газат по дигнитетот и идентитетот на Македонецот и нашата историја и култура.

Професоре Кекеновски, со оглед на тоа што стана јасно дека власта нема двотретинско мнозинство за уставните измени, кажете ни, има ли решение како да се излезе од овој политички ќорсокак и кој е впрочем Вашиот став за внесување на Бугарите во Преамбулата?

Advertisements

– Решение секако има и мора да има. Доколку власта нема 2/3 мнозинство тогаш повеќе е од јасно дека се потребни нови парламентарни избори што е можно побрзо. Со ваквото инаетење на власта и обидот цело време да се манипулира со јавноста и да се внесе раздор во опозицијата, а сигурно во блиска иднина ќе претстои и обид на ,,мускули“ по секоја цена да се направат уставни измени како и претходниот пат, прогрес не може да има на ниту еден план. Напротив може да има само влошување. По однос на Бугарите и нивното внесување во Уставот мојот став е одамна јасен и мислам дека таа шанса е пропуштена одамна и тоа исклучиво по вина на шовинистичките политички структури на власт во Бугарија и на нашата политичка власт. Наместо како нормален и цивилизиран народ кој негува европски вредности, кој сака добрососедски односи и кој не посакува да узурпира туѓа историја ,,проблемот“ можевме да го решивме уште на стартот. Меѓутоа нечистата историја, нечистата совест и нереалните амбиции на нашиот сосед кој си умислил дека е некој фактор и дека од него зависи се не доведоа до оваа ситуација. На оваа состојба и кумуваше и сервилниот однос на неколкумина политичари од СДСМ кои беа, а некои се и денес на највискои државни позиции најверојатно поради недозволивиот приоритет на личниот и само личниот интерес притоа занемарувајќи поточно игнорирајќи го највисокиот државен интерес и вечните идеали.

Може ли да очекуваме дека до 18 август кога е закажана седницата во Собранието, сепак  да се одржи и да заврши со гласање, со дополнителен дипломатски притисок врз опозицијата? И што понатаму, ако не се случи тоа, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, дека нема да има уставни измени?

– Доколку ВМРО – ДПМНЕ држи до своите ставови, а тие мислам дека во овој момент се кристално јасни и прецизни  и доколку нема уцени, закани и други суптили и јавни притисоци врз пратениците , уставни измени по барање и диктат на Бугарија сигурно дека ќе нема. Тоа ќе биде којзне кој по ред пораз на јаловата и безидејна политика која ја води оваа сдсмовско-дуиџиска власт. Навистина не знам што би можело да се случи да дел од пратениците после сето кажано во јавноста, да се премислат и да гласаат за уставните промени и за вметнување на Бугарите во Уставот на државата. Во тој случај ќе претстојат сериозни проблеми во самата ВМРО ДПМНЕ каде се можни сериозни политички превирања. Меѓутоа засега како стојат работите повеќе сум од сигурен доколку ВМРО ДПМНЕ опстои на ставот, таа ке излезе посилна и посплотена и ќе ја спаси државата и нацијата од бугарските и домашните анационални обезличени политички структури кои цело време бесрамно газат по дигнитетот и идентитетот на Македонецот и нашата историја и култура. Нема држава во светот и народ кој може да прифати или кој досега прифатил вакви уцени кои водат до уништување на македонското битие и негово опстојување.

Некои поранешни функционери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлагаат на 15 октомври да се спроведат во еден ден референдум за внесување на Бугарите во Уставот, предвремени парламентарни и претседателски избори, а во меѓувреме со законски измени да се создадат услови за тоа? Дали е спроведливо такво сценарио?

– Па не знам од каде и кој им е основот на овие персони за овие комбинаторики. Се разбира дека е можно и пожелно е да има предвремени избори и референдум на ист датум и тоа за мене лично е прифатливо, но никако не можам да замислам дека е можно да има и предвремени претседателки избори. До нови избори за претседател на државата можно е да дојде само во случај доколку актуелниот претседател да даде оставка односно се повлече од функцијата, а тоа во моментов мислам дека е утопија.

 Како ги коментирате најавите од власта, а и пораките на некои дипломатски претставници дека Македонија ќе влезе во период на изолација, ако не се донесат измените на Уставот?

– Па мислам дека зборот изолација самоволно и наменски го употребуваат претставниците на партиите на власт како и нивните по идеологија блиски политички пријатели. Ја онолку колку што слушнав од евроамбсадорот во земјава, Дејвид Гир во едно интервју јано и децидно рече ,,дека ако не дојде до промена на Уставот, тоа ќе значи дека процесот на ЕУ интеграција на Северна Македонија ќе застане“.  Значи да се разбереме едно се зборовите ,,изолација на државата“, а сосема друго значење имаат зборовите ,,застанување на процесот“. Впрочем и сега процесот е застанат и тоа многу долго и неразумно време. Сите оние кои не убедуваат дека Република Македонија не е прва држава која имала потешкотии  на почетокoт на процосот, особено со билатерални прашања, мора да ги потсетам дека вакви потешкоти со кои се соочува Република Македонија ниту имала некоја друга држава и сигурен сум дека ниту некој ке има во иднина. Се работи за ступидни, илузорни и крајно шовинистички и неразумни барања на нашиот сосед кој со сите сили преку Македонија се обидува да ја ретушира сопствената историја. Би било добро европските политичари да се одважат и гласно да кажат дали овие барања на Бугарите се дел од европските вредности кои тие ги негуваат и упорно ги пропагираат.