Стојаноски: Создадени се 17.000 нови работни места, Македонија забрзува

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи во интерес на граѓаните и на домашната економија, а постигнатите резултати се потврда дека државата се движи во правилна насока, со стабилен економски раст, подобар животен стандард и одговорно управување со јавните финансии, изјави денеска пратеникот Бојан Стојаноски на прес-конференција.

Според неговите зборови, економската политика на владејачкото мнозинство е изградена врз три клучни приоритети, а тоа се капиталните инвестиции, привлекувањето странски директни инвестиции и поддршката на македонското стопанство. Стојаноски посочи дека токму овие мерки обезбедуваат континуиран економски раст и отвораат услови за нови работни места и повисоки приходи.

Во однос на конкретните економски показатели, пратеникот истакна дека Македонија бележи раст од над 3% во 7 последователни квартали. Тој додаде дека според овие квартални показатели, земјата се наоѓа помеѓу водечките европски економии по стапка на раст, додека просечната нето-плата е повисока за 8,2 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Како дополнителен индикатор за успешноста на економските мерки, на прес-конференцијата беше нагласено дека во изминатиот период се создадени 17.000 нови работни места, што според партијата отвора нови можности за вработување и понатамошен економски развој.

На полето на менаџирањето со државната каса, Стојаноски информираше дека јавниот долг бележи намалување, буџетските приходи растат, а собраните средства во буџетот приоритетно се насочуваат кон реализација на капитални проекти. Тој потенцираше дека главна обврска на власта останува намалувањето на јавниот долг, одржувањето на финансиската стабилност и инвестирањето во развој.

На крајот од своето обраќање, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти и финалните цели на нивната економска програма.

Advertisements

„Нашата цел останува јасна, стабилна економија, стабилни јавни финансии, нови инвестиции, повисоки плати и пензии и подобар животен стандард за сите граѓани. Македонија забрзува!“, изјави Стојаноски.