Медиумите во БиХ објавија дека службеници на Министерството за внатрешни работи на кантонот Тузла се под истрага поради можна поврзаност со Нермин Сулејмановиќ, повеќекратниот убиец од Градачац.
Истрагата, како што се наведува, би требало да открие кој на убиецот од Градачац му ја јавил локацијата на која се наоѓала неговата невенчана сопруга.
Според сараевските медиуми, постојат индиции дека станува збор за лице од полицијата, односно дека се работи за полицајка со иницијали Џ.С.
Според „Дневни аваз“ полицијата и обвинителството утврдуваат дали наводите се точни, а кантоналната полиција за оваа информација го известила Обвинителството истиот ден кога се случиле убиствата.
По веста дека можеби токму таа му кажала на Сулејмановиќ каде да ја најде невенчана сопруга, на Фејсбук профилот на полицајката стигнуваат коментари. Има бројни навреди, смртни закани и повици да си го одземе животот. Многу коментари велат дека полицајката била љубоморна и во љубовна врска со Сулејмановиќ, па затоа му кажала од кој телефонски број е добиена пријавата.
Семејството на убиената жена бара и одговорност на судијката која не ја потпишала одлуката за забрана за приближување на Сулејмановиќ на жртвата, иако таа претходно ѝ пријавила на полицијата злоставување и насилство во семејството.
Сулејмановиќ невенчаната сопруга откако ја нашол ја убил на најсуров начин, пренесувајќи го убиството во живо на Инстаграм.
Покрај неа, убил уште две лица, додека три ранил.
Советот на министри за БиХ утре ќе одржи седница на која ќе биде донесена одлука за прогласување на 16 август за Ден на жалост во БиХ поради грозоморното убиство.