Фондот за пензиско не може да исплатува најмала пензија од 18.000 денари, од септември минималната ќе биде 13.300 денари

Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска минимална пензија од 18.000 денери е нереална сума. Пензиите се економска категорија и нивнаата висина зависи од тоа колку луѓето вложувале во неа во текот на работниот век, неправедно е да ги изедначиме сите, вели министерката и најавува дека во септември ќе нема пензија под 13.300 денари.

Таа вели дека ќе се формира работна група за прашањето за минимална пензија, за да се утврди износ на минимална пензија.

„Не очекува ново усогласување со септемвриската пензија. Ги очекуваме деновиве податоците од Заводот за статистика и врз основа на овие податоци ќе го знаеме точниот процент за усогласување на пензиите на сите 330.000 пензионери. Мислам дека до крајот на годината ќе најдеме соодветно решение како да ја дефинираме минималната пензија, а која ќе биде над прагот на сиромаштија утврден според Светска банка“, вели министерката.

Advertisements

Законското решение кое што е во моментот и при носењето на новата методологија во 2022 година, сите пензионери се согласија, вели дека треба да биде 50 проценти од трошоците на живот и 50 проценти од порастот на просечната плата, во изминатото полугодие, во однос на она што му претходело.

„Очекуваме овие денови да ги добиеме податоците од ДЗС и врз основа на нив ќе видиме колку ќе биде. Можно е шест, можеби нешто повеќе, се зависи од статистиката“, вели Тренчевска.

Таа не кажа дали има компромис меѓу иницијативниот одбор, Сојузот на пензионери и министерството за 18.000 денари минимална пензија.

„Секогаш кога се креираат политики мора да се мисли на стабилноста на Фондот за пензиско, 18 илјади денари пензија е нереална цена, затоа што минималната плата ни е 20.000 денари. Не сакам да се доведеме во ситуација по неколку месеци да се прашуваме дали ќе добијат пензија сите 330.000 пензионери. Тоа е вистинска грижа, не се потребни популистички мерки. Во неколку месеци ќе ги задоволат потребите на сите пензионери, но на подолг рок ќе се доведе во прашање стабилноста на Фондот. Нема да дозволам да се доведе во прашање исплатата на пензиите“, додаде министерката.