Перински најавува засилени контроли, под лупа лекувањата во странство и долгите боледувања

Новиот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Златко Перински, најави засилени контроли на лекувањата во странство, боледувањата подолги од 30 дена и трошоците за ортопедски помагала.

Според него, токму овие три области со години се посочуваат како најпроблематични во ревизорските извештаи.

Перински, кој ја презеде функцијата на 13 јули, на денешниот брифинг со новинарите се осврна на извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот во 2024 година. Тој истакна дека ќе се преземат конкретни мерки за поголема контрола и транспарентност во областите каде што ревизорите континуирано укажуваат на слабости.

Според податоците што ги презентираше, Фондот досега исплатил околу 500 милиони денари, односно повеќе од 8 милиони евра, за лекување на пациенти во странство.

Во однос на боледувањата, Перински потсети дека Министерството за здравство и ФЗО веќе започнале активности за реформирање на системот. Предлозите изготвени на неодамнешната работилница за управување со боледувањата веќе се доставени до лекарските комисии, Лекарската комора, како и до здруженијата на приватни лекари и гинеколози.

„Целта е системот на боледувања да биде поедноставен, побрз, потранспарентен и поотпорен на злоупотреби, а истовремено да се обезбеди заштита за работниците кои навистина имаат потреба од привремена спреченост за работа“, изјави Перински.

Advertisements

Претходно, министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека податоците од системот „Мој термин“ покажуваат оти во 2025 година бројот на боледувања до 30 дена е зголемен за 33 проценти во споредба со 2021 година, кога земјата се соочуваше со пандемијата на ковид-19. Според него, во текот на 2025 година биле евидентирани повеќе од 300.000 боледувања.