Виена ја потресе случај во кој 71-годишен слеп пензионер тврди дека од неговата банкарска картичка биле незаконски наплатени речиси 5.000 евра за неколку оброци во ресторан. Поради случајот, тој покренал тужба против угостителскиот објект „Balkan Grillhaus“.
Според австриските медиуми, пензионерот во текот на две недели во мај седум пати јадел во ресторанот. Поради оштетениот вид, сметките редовно ги плаќал со банкарска картичка, имајќи доверба во персоналот.
Подоцна се покажало дека наместо реалните суми за оброците, од неговата сметка биле наплатувани многу поголеми износи. Во еден случај, според наводите, трансакцијата достигнала дури 2.000 евра.
Измамата била откриена неколку недели подоцна, кога заедно со својот асистент ги прегледал банкарските изводи. Откако сфатил дека му недостигаат 4.933,33 евра, пензионерот, според медиумските извештаи, колабирал и бил пренесен во болница.
Особено потресен е фактот што овие пари ги штедел со години за да ги покрие трошоците за сопствениот погреб.
Семејството потоа се соочило со сопствениците на ресторанот. Тие првично тврделе дека станува збор за технички грешки, а подоцна објасниле дека погрешните износи биле внесени поради „малите копчиња“ на ПОС-терминалите.
Сепак, според австриските медиуми, банкарските изводи покажуваат дека износите биле внесувани рачно и постепено се зголемувале, што дополнително ги засилило сомнежите дека станува збор за намерна измама.
По притисокот од семејството, наводно бил вратен само дел од парите, а против одговорните е поднесена кривична пријава поради сомнение за измама.
Медиумите наведуваат дека ова можеби не е изолиран случај. Според истите извори, сопствениците на ресторанот претходно се фалеле дека од слични „грешки при внесување“ заработиле околу 75.000 евра.
Австриските власти потврдуваат дека сопствениците подолго време се под надзор на полицијата и финансиската полиција. Против нив се водат и други истраги поврзани со сомневања за измама, насилство, изнуда, користење лажни идентитети и други кривични дела.
Истрагата е во тек, а надлежните институции ги утврдуваат сите околности на случајот.



