Колку треба да си деболокожец и патолошки лажливец? – Најчевска за изјавите на Маричиќ и Ковачевски

Професорката Мирјана Најчевска реагира на објаснувањата на владините претставници за последните промени на Кривичниот законик кои се случија без јавна расправа, а со цел да се амнестира криминалот и крадењето народни пари од страна на властите.

„Проширената конфискација нема врска со висината на казната затвор. Вакво отворено лажење од Ковачевски и Маричиќ и поддржано од професори полтрони од правниот факултет одамна не се видело. А, за претсдателот ни веќе не сакам ни да зборувам. Се обрука потполно и покажа дека не го бива“, вели Најчевска на Фејсбук.

Според Најчевска, во случајот со измените на Кривичниот законик, не станува збор за намалување на затворските казни на обичниот граѓанин, како што тврдат поддржувачите на овие измени.
„Тие воопшто не се намалуваат. Напротив. Пропаднаа сите обиди за вистинско проработување на системот на пробација со кој посебно ситните прекршители на законите нема да бидат казнети на начин кој ја загрозува нивната иднина. Станува збор за градење систем во кој високите функционери во власта нема да бидат казнети за криминални дејствија со кои се повредуваат правата на обичниот граѓанин и се нанесува штета на државата и на јавното добро.

Значи се штити секој кој од позиција на власт ќе украде од заедничките пари на граѓаните, кој со користење на позицијата во власта и со користење на ресурсите на државата ќе направи криминал со кој се загрозува здравјето и живот на граѓаните. Заради можноста власта да обезбеди неказнивост на високите функционери е создаден Меѓународниот кривичен суд. Затоа што тој што е на власт може на различни начини да го избегне казнувањето. Значи, за да се избегне неказнивоста се инсистира на тоа функцијата која некој ја држи и од која делува да се смета за отежителна а не за олеснителна околност.

ОВИЕ ПРОМЕНИ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК СЕ ДИРЕКТНО НАСОЧЕНИ КОН ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НЕКАЗНИВОСТ ЗА НАЈВИСОК КРИМИНАЛ НАПРАВЕН ОД ПОЗИЦИЈА НА НАЈГОЛЕМА МОЌ КОН ГОЛЕМ БРОЈ ЛУЃЕ“, смета професорката Најчевска.

Таа го коментира и ставот на професорот Ѓорѓи Спасов кој вели дека „никој не треба да се сомнева дека измените го хуманизираат системот на превенција од криминал за што се залагаат или барем треба да се залагаат граѓанските активисти и борци за човекови права“.

Ѓорѓи Спасов е обучен манипулант. Со диплома добиена како кадар инструиран во Кумровец. Тоа се луѓе кои во Кумровец имаат добиено посебна обука за манипулации на граѓаните, продавање шарени лажги на широки народни маси и заштита на најотворени прекршувања на човековите права од страна на власта.
Ова е класична замена на теза“, објаснува Најчевска.

Претходно, професорката реагираше и на интервјуто на вицепремиерот Бојан Маричиќ за грчкиот весник „То Понтики“ во кое тој вели дека власта не сакала само да ги исполни критериумите и стандардите на ЕУ, туку и да ги надмине.

Advertisements
„Мислам, колку треба да си дебелокожец и патолошки лажливец па да го кажеш ова по донесувањето на измени на Кривичниот законик со кои се штити секој криминал на секоја власт? И колку треба да си глуп за одново и одново да ги поставуваш на власт истите лажомани?, вели Најчевска во врска со следнава изјава на Маричиќ.

„Сакаме да покажеме дека не само што ги исполнуваме барањата, туку сесрдно ги прифаќаме европските вредности на демократијата, владеењето на правото и човековите права“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за грчкиот весник „То Понтики“.