Во близина на областа Поликастро, на излезот Евзони, утринава во тешка сообраќајна несреќа животот го загубија 4 лица а над 50 се повредени.
Сообраќајната несреќа се случила отако автомобил со грчки регистарски ознаки директно се судрил со автобус на туристичка агенција од Србија.
Според се уште не потврдени информации од официјални органи наводно возачот на автомобилот заспал и удрил во автобусот во кој се превезувале 78 патници.
Македонски државјанин за српски „Телеграф“ изјавил дека на местото пристигнал кратко откако се случила несреќата, а глетката била страшна.
– Беше страшно, сè уште сум во шок. Едното возило беше на средината на патот, целото згмечено, а од него преку хаубата висеа две тела, најверојатно возачот и совозачот. Патниците од српскиот автобус не можеа да излезат сè до доаѓањето на Итната помош. Тие со автобусот беа во ендек, но не премногу длабок“, вели македонскиот државјанин.
Четириесет патници се здобиле со тешки повреди, а 20 патници со скршеници на рацете и на нозете. Грчките медиуми јавија дека меѓу повредените има и две малолетни деца од 6 и 9 години.
„Повеќето од патниците се полесно повредени. Полесно повредените се праќаат во болницата во Поликастро и во Кукуш. Тоа се места во близина на границата. Потешко повредените кои колку што знам ги има десет-петнаесет. Кога кажувам потешко, тоа се е дискутабилно, бидејќи и скршеници се потешки повреди и итн. Она што го знаеме е дека се испратени во болницата во Солун и болницата во Пократио. Нас сега ни е најважно во моментов да лоцираме, да знаеме каде ни се патниците“, вели Бојан Милосављевиќ, сопственикот на нишката туристичка агенција „Ски и Сан травел“, за која возел настраданиот автобус, во изјава за РТС
Неколку часа сообраќајот на преминот Евзони- Богородица беше затворен и пренасочен по други улици.