Битиќи уверува: Владата ја намали инфлацијата!

„Според последните податоци на Државниот Завод за Статистика (ДЗС) за растот на трошоците за живот, измерена е инфлација од 4,0% за месец март 2024 година, со што се потврдуваат конзистентните политики во насока на нормализирање на состојбата после воведените замрзнати цени и маржи за основните прехранбени артикли кои важеа заклучно со февруари 2024“, пишува во објавата на својата Фејсбук страна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, притоа посочувајќи дека е доказ и за тоа дека во економијата работат и етички компании.

Притоа, според него, овој тим на компании може да се сретнат како во производството така и во трговијата, кои и покрај можноста за енормно покачување на цените, сепак продолжиле да работат со конкурентни цени.

Според вицепремиерот Битиќи, ова на крај резултира со раст на инфлацијата во март 2024 од само еден процентен поен споредено со претходниот месец, кога е измерена инфлација од 3,0%.

Advertisements

„Земајќи го периодот јануари-март 2024 споредено со јануари-март 2023 година, инфлацијата изнесува 3,4%, што е малку пониско ниво од иницијално проектираната инфлација за 2024, која според последните Владини проекции треба да изнесува 3,6%. Ова е само уште еден во низата докази дека оваа Влада континуирано ги следи економските случувања во државата, и дека спроведува соодветни политики со кои се подобрува стандардот на граѓаните, затоа што растот на пензиите и просечната плата од почетокот на годината до сега е далеку повисок отколку растот на трошоците за живот. Минатиот месец беше донесен и Законот за нефер трговски практики со кој дополнително ќе се обезбеди гаранција за стабилни цени на над 2.500 основни производи како и оневозможување на нефер трговско работење“, се вели во објавата на Фејсбук на вицепремиерот Битиќи.