Приватните специјализанти во штрајк, бараат писмени гаранции дека ќе им се зголемат надоместоците

Над 400 приватни специјализанти утринава стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава. Тие бараат зголемување на надоместот што им се исплаќа  во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело.

Штрајкот ќе го прекинат, како што најавија, само доколку добијат писмена гаранција за исполнување на барањата.

– За жал, се решивме на овој чекор бидејќи Министерството за здравство нема слух за решавање на нашите проблеми – изјави доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година.

Advertisements

Таа потсети дека по протестот во март, имале средба со министерот за здравство на која им било ветено дека нивните барања ќе се најдат на седница на Влада, но  дека засега немаат никаков одговор.
Како што соопшти Илиоска Чешлароска, добиле повик од претставник во Министерството за здравство и им било кажано дека денеска во 14 часот ќе се одржи средба во Влада.

– Петмина наши претставници ќе бидат на таа средба, но, немаме информација кој се ќе присуствува и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Штрајкот продолжува, се додека не добиеме писмена официјална гаранција дека барањата ќе бидат исполнети – нагласи Илиоска Чешлароска.

ФОТО:МИА