Апелацискиот суд во Кожани, Грција, реши да ја поништи регистрацијата на Центарот за македонски јазик. Пресудата на 68 страници е изречена на 13 август, пишува МКД.
Претходно судот во Лерин (март 2023) ја потврди законитоста на регистрацијата на оваа невладина организација. Ова тогаш се протолкува како признавање на македонскиот јазик од Грција и доследно почитување на одредбите од Преспанскиот договор. После 16 месеци дојде демантот од Кожани.
Во информацијата за одлуката на Апелацискиот суд во Кожани објавена на националитичкиот портал demokratia.gr, пишува дека поништувањето на решението за регистрација на ЦМЈ е резултат на иницијативата на дури 16 екстремни националистички партии и здруженија кои не можеле да се помират со регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин и ја припишуваат како последица на Преспанскиот договор.
Инаку, Центарот кратко време (од март 2023 до август 2024) беше првата организација која директно се грижи за македонскиот јазик и беше регистрирана и призната од грчките државни органи.
„Центарот за македонски јазик го изразува своето нескриено задоволство што после децениска борба, македоноговорното население во Грција се соочува со позитивен судски исход во однос на неговите легитимни барања. Правото на слободно здружување конечно е достапно и уважено во однос на организација за подршка на македонскиот јазик. Веруваме дека сега е време ова човеково право да биде достапно и за други слични невладини организации кои во минатото барале и во иднина ќе бараат нивна судска регистрација“, соопшти здружението по првостепената судска регистрација.