Кои се условите за унгарскиот кредит и кога парите ќе им бидат достапни на компаниите?

Со одлука на Влада потврдени се условите за унгарскиот кредит, за кои претходно беше постигнат договор со банките, а кои средста се очекува да го придвижат стопанството.

-На седница на Влада одржана на 26.11.2024 се донесе заклучок во врска со Предлогот на Министерството за финансии за условите за кредитната линија од унгарскиот кредит, а во однос на користење на средствата од кредитната линија за инвестирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва. Врз основа на истото Владата го задолжи Министерството за финансии во соработка со Развојната банка да преземат активности околу операционализација на средствата од кредитната линија под следните услови. Максимален износ по корисник до 10 милиони евра, рок на отплата од страна на крајниот корисник до 15 години со вклучен грејс-период до три години квартална отплата по завршување на грејс периодот. Фиксна каматна стапка од 1,95 проценти без надомест на одобрување и управување. Сопствено учество на крајниот корисник од минимум 20 проценти од вкупната вредност на инвестицијата, објасни портпаролката Марија  Митева.

Дополнително, нагласи таа, средствата од кредитната линија за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва ќе бидат наменети за финансирање на дејност производство и истите ќе можат да се користат за следните намени: инвестиции во опрема, како што се машини и останата опрема, недвижности, погони, фабрики, деловни објекти за сопствена употреба, транспортни средства поврзани со производствениот процес, обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија и нематеријални средства како што се инвестиции во развојот и софтвери.

Advertisements

Исплатата ќе биде извршена врз основа на доставени фактури од страна на крајниот корисник со цел обезбедување на соодветна контрола на искористувањето на средствата.

-Имајќи предвид дека БДП е проектиран на 16 милијарди станува збор за 5 проценти од БДП, средства коишто очекуваме да бидат инвестирани оваа и следната година. Тоа е алатка со која што ќе се бориме против евентуалната економска криза и со која ќе ја придвижиме економијата во целост, потенцира портпаролката Митева.

На новинарско прашање кога ќе можат да бидат достапни парите за фирмите и од кога ќе можат тие да ги поднесуваат апликациите со бизнис плановите во однос на унгарскиот кредит, таа рече дека се очекува тоа да биде наскоро штом завршат процедурите во банките

– Имаме информации дека најголем дел од банките се согласни за истото. Во овој момент ги презентираме условите. Процедурата е следна, Министерството за финансии ќе треба да ги префрли парите на Развојната банка. Развојната банка ќе треба да склучи договори со банките, тие договори да поминат во рамки на наделжните органи во самите банки  и веднаш потоа да бидат достапни. Очекуваме во најскоро време оваа процедура да заврши со оглед на фактот што интересот е навистина  голем и од стопанството, но и од банките да учествуваат во оваа кредитна линија, вели Митева.