„За мене е важно дека оваа земја се вика Македонија“ – КОСТА СОЛЕВ РАЦИН е роден на денешен ден

На 22 декември 1908 година во Велес е роден Коста Солев Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература.

Се смета и за еден од најистакнатите интелектуалци што ги дала Македонија во периодот помеѓу двете светски војни, но и воопшто.

Притиснат од сиромаштијата и потребата од работна рака во грнчарската работилница на татко му, во 1918 година е принуден да го напушти редовното школување и да стане грнчар. Сепак, неговата желба за учење е голема и тој продолжува да се самообразува.

Advertisements

Збирката песни „Бели мугри“, издадена во Загреб во 1939 година претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература.

Токму поради ова дело се смета за основоположник на современата македонската литература, но Рацин бил многу повеќе од само наш најдобар поет помеѓу двете светски војни, неговата активност како истакнат работнички и комунистички деец обично се потиснува во втор план, но сликата на Рацин без овој елемент не соодветствува на реалноста.

Освен поезија Рацин пишувал и проза, а напишал и повеќе значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.

Важно е да се нагласи и податокот дека Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење, за кое напишал неколку трудови на таа тема „Драговитските богомили“, „Богомилите“ и „Селското движење на богомилите во средниот век“.

Рацин влегол во КПЈ од која подоцна бил исклучен, а влегувал и во битки против посрбувањето и побугарчувањето на македонскиот народ.

Псевдонимот Рацин го зел од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца, а кратко време го користел и псевдонимот Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.

Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.

Според официјалната верзија за неговата смрт загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница на Лопушник во Кичевско на 13 јуни 1943 година.

Телото на Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки се пренесени во Велес.

Што прават нашите Македонци!

Никола Вулиќ, истакнат српски археолог кој долго време работел во Вардарска Македонија одржал предавање во просториите на Српскиот културен клуб во Белград, веднаш потоа ова предавање било објавено во весникот „Време“ под наслов Јужна Србија или Македонија. Основата поента на предавањето било да докаже нема место залагањето на Македонците за употреба на името Македонија како синоним за некаква народност и самобитност, и уште помалку македонското залагање за афирмација на македонскиот јазик

Тезите на Вулиќ предизвикале бура од негодувања и протести. Меѓу другото, студентското друштво „Вардар“ во Загреб презело иницијатива за спречување на предавањето на Вулиќ во просториите на Пучкото (народно) свеучилиште, со намера Вулиќ да се принуди јавно да дискутира со студентите од Македонија по прашањето за положбата на Македонија и македонскиот народ.

По влегувањето на Вулиќ во салата, македонските студенти почнале да негодуваат против неговите погледи во однос на македонскиот народ и Македонија, некои фрлале јајца, други јавно ја истакнале „Бели мугри“, како доказ за постоењето на македонскиот јазик и култура.

Публиката во салата создала неподнослива атмосфера која го принудила предавачот да ја напушти салата. Надвор Вулиќ бил пречекан од Кочо Рацин и другите членови кои биле определени да разговараат со него.

Професорот бил замолен на мирен разговор за приведените проблеми, Вулиќ прифатил но побарал во разговорот да учествува и професорот Јован Радоњиќ. Средбата се одржала на 3 декември 1939 година во хотелот каде бил сместен Вулиќ. Во разговорите со двајцата професори учествувале: Кочо Рацин, Љупчо Арсов, Георги Василев, Благој Димитров Панко и Тихомир Анчев.

На средбата се развила жива дискусија на која, меѓу другото, Рацин истакнал:

„ … За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во време кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите.

Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие! Во периодот на националната преродба кога доаѓа таканареченото граѓанство свесно за својата положба дека треба да создаде национална држава, тоа настапува под паролата на сплотување на народот, со намера да ја обнови својата некогашна стара држава. Во тоа време од историската ризница извлекуваат тие називи. Кај Србите националното движење се јавува не само во Србија туку и таму каде што можеле слободно да се движат… Тие луѓе го зеле српското име бидејќи видел: ние бевме Срби…

Тие луѓе тогаш српското име го обновиле и почнале да го обединуваат својот народ. Тоа е кога се обновуваат тие стари држави извлекувајќи го од својата историска ризница своето старо минато, врз основа на кое можат на другите народи да им кажат дека тие не се тоа што тие го сметаат, туку се тоа Срби, Бугари итн… Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име.

Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и Вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. Вие веројатно помисливте дека е тоа влијание на туѓа пропаганда и во тоа е Вашата грешка. По тоа ја имаме борбата на македонскиот народ и борбата на Бугарите и Србите за превласт над оваа земја. Таа борба се водела за копањето на историската тапија. Се работело на тоа да се владее над овој народ. И Србите и Бугарите создадоа цели научни институти да го докажат правото да владеат над нашата земја.

Македонците имаат нешто заедничко и со Бугарите и со Србите. Базирајќи се врз тоа, и Вие сте дошле до погрешен резултат. Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот. Што се однесува до економската положба, таа постои како самостојна област. Го имаме Солун како центар на таа земја. Но Вие заостанавте исклучиво на историска почва, барајќи ја фамозната историска тапија.

Тутуноберачите

На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун — нашава мака
нашава солена пот!

От темни зори на утрини летни
до никоа доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и пот’та и крвта и снагата ни.
Жлт — жлти прави лицата бледни
и жлта гостинка у градите носи.

По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
зачмаени ние го береме.
Лист по лист кини
лист по лист нижи
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на длга низа от капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со корав поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.

Та незнаш ли?

Денот ли дојде тој да се мери —
мерка му нема, а в градите длби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и в очите матни
и не сакајки сама се дига
фуријата.

Кантарот носи лисјето златно
а в гради љуто далгите беснат
на жлтата мака — на жлтиот тутун
на жлтата пот на раците ни!