ФИНГИРАЛЕ СЛУЖБЕНИ БЕЛЕШКИ ЗА МАКЕДОНСКИ ЕКСТРЕМИЗАМ И ВРХОВИЗАМ – Јовчески за злоупотребите во Агенцијата за РАЗУЗНАВАЊЕ

Мора да постојат во Агенцијата за разузнавање (АР) или во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) некави пишани „траги“ наредба, службени белешки и извештаи за следењето на  Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој пред четири години бил таргетиран како инспиратор, финансиер и организатор на паравоена полициска структура, вели Јован Јовчески, доктор по кривично правни науки и поранешен вработен во ДБК, МВР и Оперативно техничката агенција (ОТА).

Претходно објавивме, дека разузнавачката операција против Мицкоски, како лидер на најголемата опозициска партија, според д-р Јовчески е иницирана и започната во Агенцијата за разузнавање (АР), легализирана во АНБ, а наредена од директорот на АНБ, како што е пропишано во членот 4 и 31 од Законот за АНБ. Но, при тоа изјави Јовчески, била злоупотребена одредбата, според која директорот може да одобри спроведување на мерки за тајно собирање на податоци и информации, користење на тајни соработници, користење лица со прикриен идентитет, таен откуп на предмети и документи и набљудување.

Во неколку наврати се обидовме да стапиме во контакт со Еролд Муслиу, поранешниот директор на АР за да им ја пренесеме на читателите и неговата верзија на оваа разузнавачка приказна, но тој е недостапен за јавноста.

Advertisements

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова летоска го разреши Муслиу од  директорската функција во Агенцијата за разузнавање и тој тогаш обвини дека претседателката попуштила пред партиските притисоци, а дека при неговото разрешување отсуствувале законската оправданост и мерит-системот. Разрешениот директор Муслиу и забележа на претседателката дека не покажала доблест да се сретне со него на прва информативна средба пред да го разреши. Да се надеваме дека сега тој ќе покаже доблест и ќе одговори на повиците пред јавноста.

Г-дине Јовчески во разговорот што го објавивме претходно изјавивте дека „основано претпоставувате оти операцијата во која Мицкоски бил таргетиран како инспиратор, финансиер и организатор на паравоена полициска структура, е инспирирана и започната во Агенцијата за разузнавање (АР) во време кога директор беше сега веќе разрешениот Еролд Муслиу?

ЈОВЧЕСКИ: Основано претпоставувам дека е можно таква „гнасна опрација“ да биде инспирирана само од човек со ист или сличен профил, односно од човек кој веќе имал „богато“ иускуство во креирање на лажни и фингирани информации кои биле прикажувани како факти, додека „легализацијата“ и  операционализацијата на мерката одела преку АНБ, при што најверојатно биле користени човечки и технички капацитети и од АР. Во секој случај, според мене, некави пишани „траги“, наредба, службени белешки и извештаи мора да постојат (во АР или во АНБ).

Една година пред да биде издадена наредба за следењето на лидерот на опозицијата, „Ел Чека“, како и „Илија Громовник“, „Никола Тесла“ не бомбардираа со нелегално прислушувани разговори. Заев тврдеше дека не се излезени од архивите на СДСМ, а и тогашното СЈО гарантираше дека „бомбите“ се чуваат според строги безбедносни процедури, а сепак излегуваа на виделина. Toa се исто така сериозни злоупотреби…Дали излегоа од истиот разузнавачки бункер? 

ЈОВЧЕСКИ: Во 2019 година, Муслиу беше „експресно“ назначен од претседателот Пендаровски за директор во АР, и истовремено имаше силна медиумска реакција од ДУИ, дури со закана дека ќе излезат од коалиција, заради неговото поставување на чело на АР, а заради „Џемс – бондовската операциja“ на објавувања на снимени содржини на приватниот профил Ел Чека на интернет (Фејсбук) против раководството на ДУИ. После два дена ДУИ објави дека лицето кое ги објавувало било од истото село од каде потекнува Еролд Муслиу и дека наводната кампања против ДУИ била во режија на Муслиу, а со поддршка на Зоран Заев, кој во тоа време водеше„ остра“ кампања против ДУИ, а наводно Муслиу имал важна улога во целата политичка кампања.

Г-дине Јовчески може ли со факти да ги потврдите наводите за креирање лажни извештаи во Агенцијата за разузнавање и да ни објасните за какви цели биле користени фингираните белешки?

ЈОВЧЕСКИ: Веднаш по неговото именување, Муслиу за кратко време „успешно“ ги отсранил од раководни позиции сите лица кои биле поставени во времето на Ѓорѓе Иванов. Според (неофицијални) изјави од бивши и сегашни вработени во Агенцијата, Качакот (се мисли на Муслиу) користел методи на креирање извештаи и службени белешки со фингирана или лажна содржина со кои се компромитирале и обвинувале „непожелните“ лица претежно од македонска националност за поврзаност со познати криминални структури. Подоцна станала „коњуктурна“ поврзаноста со руски елементи или лица кои биле под безбедносен третман на АНБ. Истите белешки и извештаи, по службена должност ги препраќал до МВР и АНБ „заради постоење безбедносни содржини (и лица) од интерес на нивниот делокруг на работа.“ По потреба биле известувани и некои амбасади во РМ. Таквите „операции“ на лажни и фингирани извештаи и белешки биле повторувани во повеќе наврати за истите лица на одреден временски период. И на таков начин „непожелните“ лица биле заведувани во соодветните оперативни евиденции на МВР и АНБ, на кој начин по „легален“ пат биле создавани правни основи за примена на одредени оперативни и истражни мерки, но и за настапување на т,н. „вонправни последици“ за „непожелните лица“. Со самото тоа што постоеле во оперативните евидениции на МВР и АНБ и истите не само што биле етиктирани, туку им била ускратена можноста да добијат безбедносен сертификат и на тој начин им бил прекинат нивниот работен однос во Агенцијата. Или биле оневозможени да стекнат други права, како на пример дозвола за оружје, унапредување, итн…..

Г-дине Јовчески, нејасно е зошто обесправените молчеле и не се обиделе ако навистина во АР со години имало такви злоупотреби да дојдат до правдата, а исто така се неверојатни наводите за наводни злоупотреби од една личност која имала одврзани раце за незаконски активности и која завршува само со разрешување, настрана што истрага е отворена дури сега…

ЈОВЧЕСКИ: Според изјави на „настрадани лица“ во неговата „операција на чистење“ на АР од „непожелни структури“, Качакот имал таква политичка поддршка што дури можел да нареди во АНБ каква да биде проверката за одредено лице – позитивна или негативна. За спроведување на „чистката“ истиот имал на располагање неколку добро „истренирани“ и лојални  „професионалци“ кои за возврат добивале секој месец по 32 часа прекувремена работа, возило на располагање. Истите биле без посебни обврски, односно „слободни стрелци“ за потребите на Качакот. Еден од нив посебно се истакнувал, тој бил преземан од МВР и истиот им е добро познат на сите вработени во Агенцијата. Претходно, бил близок со „непожелните“ структури, но направил „трансфер и преминал „во служба“ на Качакот.

Познато е дека името на Мицкоски било на врвот на листата за следење и обработка како лидер на опозицијата, бил следен и со дронови…   

ЈОВЧЕСКИ: Според изјави на вработени во АР, Качакот, имал на располагање негов посебен тим за користење на дронови и вршење на опративно следење кои работеле како да се во негова приватна фирма. Во работењето преку систематизацијата на работа на Агенцијата вовел такви „новини“ во неговите овластувања со што буквално си поигрувал со вработените. Според „новините“ што ги направил во систематизацијата тој можел да ги распореди вработените со висока стручна спрема на работни места кои биле само за средна стручна спрема. Како наводен „мудар“ чекор во неговато работење било и воведување на нова линија на работа т.н. „македонски екстремизам и врховизам“. На тој начин успешно се „справувал со лица, пред се од политиката, на кои сакал да им наштети“, наспроти тоа, со безрезервното сервилно однесување спрема барањата на странците „обезбедувал странска поддршка“ за неговиот професионален пристап и работење.

Од наведените податоци и изјави основано претпоставувам дека е можно таква „гнасна опрација“ да биде инспирирана само од човек со ист или сличен профил, односно од човек кој веќе имал „богато“ искуство во креирање на лажни и фингирани факти, додека „легализацијата“ и  операционализацијата на мерката одела преку АНБ, при што најверојатно биле користени човечки и технички капацитети и од АР, вели Јовчески во интервју за Политика.

Инаку, кога Пендаровски го назначи Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање, Бујар Османи кој во тоа време беше вицепремиер, изјави дека ДУИ е загрижена од одлуката на претседателот за која оцени дека била донесена поради „недостиг на информации“.

Муслиу беше споменуван како можен кандидат за прв човек на Агенцијата за разузнавање и кога претседател на државата беше Ѓорге Иванов. И тогаш ДУИ имаше остра реакција и порака, како што тогаш пренесе ТВ Алсат, дека на таа функција „треба да биде поставена личност со кредибилитет, а не некој кој учествувал во фалсификување на досиеја или производство на фалсификувани документи“.

Стојанка Митреска