СЕКОГАШ СО СВОИТЕ СОГРАЃАНИ Градоначалникот Димчо Атанасовски ја препороди Македонска Каменица

Многу ни е добар градоначалникот…ни направи нови улици, преубаво спортско игралиште, ни ги реновираше училиштата – и основното и средното, уште да направи нешто за младите да не ни одат во туѓина ќе биде најголема радост за Македонска Каменица. Вака, накратко граѓани на Каменица ни го опишаа четиригодишниот мандат на нивниот градоначалник Димчо Атанасовски, кој пред да седне на жешкото градоначалничко столче беше наставник по музичко образование. Велат музиката е двигател кој го менува светот, а колку наставникот по музика Димчо успеа да изгради подобра, посреќна и модерна Македонска Каменица, како што вети, на почетокот на својот мандат, сведочат сите реализирани проекти за кои разговараме во денешното интервју.

Господине Атанасовски кои се најголемите предизвици со кои се соочува општина Македонска Каменица во моментов?

– Покрај сите предизвици и потешкотии со кои се соочивме во изминатите три години, останавме на трасираниот пат и градиме поубава и посигурна општина. Си поставивме високи цели и со многу енергија, ентузијазам, идеи и визија тргнавме во трајно решавање на на најелементарните и најгорливите проблеми на каменичани. Наша определба беше и останува изградба на патна, водоводна и канализациона инфраструктура во секое населено место во општината и денес, со огромно задоволство изјавувам дека во најголем дел овие прашања се затворени или ќе бидат во годината пред нас. Македонска Каменица е синоним за урбана средина и е најзелен град во државата. Инвестициите во образовните институции во последните три години се рекордни и го креваме воспитно-опбразовниот процес на највисоко можно ниво. Нашите спортски клубови бележат врвни резултати, а каменичките културни манифастации за магнет за илјадници посетители од земјата и странство.

Advertisements

Како ја оценувате досегашната реализација на проектите кои овозможуваат граѓаните во Вашата општина да имаат подобар живот, но и можност да се релаксираат во своето слободно време?

– Општина Македонска Каменица и локалните институции и претпријатија реализираа повеќе од 250 проекти кои директно придонесуваат за поквалитетен живот на нашите граѓани. Нашиот град има нов спортски комплекс – еден од најубавите спортски комплекси во Македонија со новоизградена пристапна улица до истиот и обезбеден паркинг простор. Изградена е регулација и на долното течение на река Каменичка, а градскиот кеј е комплетно осветлен. Изграден е нов пешачки мост, имаме проектна документација за уште еден, а работиме на поставување на нова урбана опрема на овој простор со што ќе добиеме преубава зона за спорт и рекреација на нашите сограѓани. Поставено е ново осветлување на влезовите на градот и кон Делчево и кон Кочани. Изградивме нова кула за рана детекција на пожари – прва ваква во државата.

Граѓаните најчесто реагираат кога улиците не се асфалтирани, кога нема место за паркирање, пешачки патеки, а факт е дека многу македонски општини за жал и во денешно време се соочуваат и со недостиг на питка вода поради неизградена водоводна мрежа. Како стојат работите на овој план во Вашата Општина?

– Ги завршивме улиците Церска, Миле Јаневски Џингар (фаза 2), реконструирана е улица Осоговска, изградена е улица „Новопроектирана“, завршени се пристапните улици во Индустриската зона, асфалтиравме локални патишта до Буќерска маала во Грчка маала во Македонска Каменица, до маала Албанци во село Тодоровци, до Дракарска маала во село Луковица, до маала Догрии и Катанци во село Дулица, до маала Карафилци во село Цера, до Чобанска маала во село Костиндол, а асфалтиравме и во село Моштица. Изградивме нови паркинзи, пешачки патеки и тротоари на повеќе локации во централното градско подрачје. Подготвена е комплетна документација за нови локални патишта во селата Косевица, Цера и Саса, како и за поврзување на руралните средини. Нова водоводна и канализациона инфраструктура во руралните средини се врвен приоритет. Изградивме нови водоводни и канализациони мрежи во делови од селата Моштица, Луковица, Саса, во Индустриската зона, во маалите Тепеѓовци и Ковачевци во Македонска Каменица и нова филтер станица за село Дулица и Стара Каменица.

Г-дине Атанасовски ветивте дека Општината Македонска Каменица ќе стане енергетски независна, секако и со меѓународна поддршка, колку успеавте да реализирате проекти на овој план и што е тоа што го бараа граѓаните, а е направено во вашата општина?

– Веќе поставивме фотоволтаични системи на Дневен центар за лица со посебни потреби, на Дом на култура, Куќа на спорт и на ООУ „Свети Кирил и Методиј“. Со поддршка од државни и меѓународни фондови ќе ја продолжиме оваа тенденција и инвестициите во проекти од областа на енергетска ефикасност ќе продолжат. Започнавме со реализација на нов проект за сообраќајна безбедност, за поставување на нова хоризонтална и вертикална сигнализација и истиот во текот на 2025 година ќе биде завршен. За потребите на Дневниот центар за лица со посебни потреби набавивме ново специјализирано возило и истото веќе е ставено во функција и е од огромно значење за оваа категорија граѓани. Исто така, обезбедивме биохемиски анализатор, дигитален рентген и возило за потребите на Здравствената станица во Македонска Каменица. Преку Јавното претпријатие „Камена Река“ реализиравме повеќе од 600 помали проекти и активности и речиси и да нема каменичко семејство кое директно не ги почуствувало бенефитите од беспрекорното функционирање на претпријатието.

Еден од горливите проблеми со кои се соочуваат многу македонски општини е недостигот на соодветен простор за деца од претшколска возраст, или пак мака мачат со стари објекти и дотарена опрема во постојните училишта. Но, граѓаните во Македонска Каменица со кои разговаравме пред ова наше интервју, велат дека во вашата општина се случуваат активности кои се за пофалба?

– Нашите образовни установи – детската градинка „Бамби“, основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ и средното училиште „Миле Јаневски Џингар“ заеднички реализираа над 60 значајни проекти преку кои се овозможуваат подобри услови за престој на дечињата и учениците и поквалитетен воспитно-образовен процес. Во Детската градинка „Бамби“ набавени се нови инвертер климатизери, нови телевизори, нови плакари, столови и маси, индустриска машина за перење, нов индустриски фрижидер, комплетно реновирана кујна, нови тоалети, внатрешните дрвени се заменети со нови алуминиумски врати, градинката е комплетно надворешно осветлена со рефлектори.

Основното училиште има нова водоводна и канализациона мрежа, нови санитарни јазли, по повеќе од 20 години целото училиште е комплетно внатрешно обелено, а доби и нова акрилна заштитна сива боја. Целата внатрешна столарија во училиштето е заменета со нова, старото неонско осветлување е заменето со ново лед осветлување, поставени се нови фотоволтаични панели, еден кат од училиштето има нова електрична мрежа, набавени се нови маси и столови, 18 нови смарт табли, а поставени се и 50 нови инвертер клима уреди. Средното училиште има реконструирани тоалети, реконструиран влез и нов под во две училници, набавени се околу 50 нови лап топ и персонални компјутери, 7 интерактивни панели, нов училишен мебел, отворен е нов простот-медијатека, нови вариолајт завеси и заменета е оштетената столарија на дел од 1 кат во училиштето.

Општина Македонска Каменица реализираше значајни проекти и во областа на дигитализација на општинските услуги, рекордери сме по доделени социјални помошти, финансиска поддршка за новородени деца, финансиска поддршка за ученици и студенти, за еднородителски семејства, поддршка за стари и изнемоштени лица и сл.

– Во делот на културата се работеше на реконструкција на оштетен дел од кров на Домот на култура, на поставување на нови инвертер клима уреди, реализирани се многу концертни активности, театарски претстави, кино проекции, драмски и сликарски секции, обезбедена е континуирана поддршка за КУД „Вера Јоциќ“. Од општинскиот буџет се одделуваат значајни финансиски средства за поддршка на спортот и каменичките спортски клубови, кои пак се достоен репрезент на Македонска Каменица и освојувачи на бројни титули.

Какви се вашите амбиции за следниот период и каква е вашата долгорочна визија за општината?

– Наша најголема заложба е да изградиме општина во која ќе се живее поубаво, полесно и посигурно. Ќе ги завршиме ветените инфраструктурни проекти и веднаш ќе се насочиме кон реализација на проекти за младите. Приритет ќе ни биде и реконструкција на Здравниот дом, реконструкција и изградба на нови содржини на градскиот базен, нова општинска зграда, инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и подобрување на визуелниот лик на градот и создавање на ултра модерна општина.

Продолжуваме силно и посветено затоа што сите наши жители заслужуваат подобра иднина. Започнавме постапка за спроведување на јавна набавка за изградба на два нови локални патни правци во нашата општина: локален пат во село Саса, од споменикот на Вера Јоциќ до Манастирот Св. Архангел Михаил во Аџиско Маало, со вкупна должина од 1420 метри, локален пат во село Косевица, кој ќе го поврзе селото со маалото Караџевци, со вкупна должина од 1500 метри. Овие инфраструктурни проекти ја унапредуваат локалната патна мрежа и обезбедуваат олеснет пристап до Манстирот Св. Архангел Михаил и до крајните населени места во овие рурални средини од нашата општина. Предвидениот краен рок за изградба на двата патни правци е 6 месеци, по што нашите сограѓаните ќе добијат безбедни и функционални патишта. Ова е уште едно остварено ветување кон граѓаните од мојата изборна програма, со што покажуваме дека нашата работа се темели на конкретни проекти и реални резултати.

Во следниот период започнуваме со изградба на уште неколку локални патни правци во повеќе рурални средини, со што продолжуваме со континуирани инвестиции во инфраструктурата за подобра и посигурна иднина на Македонска Каменица. Интензивно се одвиваат градежните работи во Стара Каменица за изградба на улицата Ковачевска. Инвестиција финансирана од Владата на Република Македонија. Проектот е во напредна фаза, а во моментов се врши тампонирање и поставување на коловозни рабници (ивичњаци), како подготовка за понатамошна изградба на улицата долга 550 метри. Продолжуваме со посветено работење, за подобрување на условите за живот на сите наши граѓани. Градиме урбана, модерна и развиена Македонска Каменица!

Општина Македонска Каменица аплицираше со повеќе значајни проекти на вториот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти, објавен од Министерството за локална самоуправа. Може ли да ни кажете што предвидуваат тие и за кои населени места се однесуваат?

– Аплицираните проекти вклучуваат подобрување на локалната патна инфраструктура и олеснување на секојдневниот живот на нашите сограѓани првенствено во руралните средини од општината. Со оваа финансиска поддршка ќе бидат изградени: спој на село Косевица со село Моштица и крак до Горанска маала (2220 метри), спој на село Цера и село Саса (1987 метри). Потоа локален пат до маало Гребење во село Цера (1347 метри). Локален пат до Ефендиско маало во село Луковица (463 метри). Локален пат до Паровско маало во село Косевица (1222 метри). Претходно, преку првиот Јавен повик, обезбедивме средства за изградба на улиците Ковачевска и Питу Гули. Проекти кои веќе се спроведуваат и нивната реализација е во напредна фаза. Во оваа прилика, однапред сакам да изразам голема благодарност до премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински за силното залагање и поддршката во реализацијата на овие важни проекти за Општина Македонска Каменица. Јас како градоначалник, останувам посветен на подобрување на инфраструктурата и во работењето за создавање на подобри услови за живот за сите граѓани, зааедно со нив градиме подобра Македонска Каменица!

Г-дине Атанасовски со сите овие ваши амбиции што ги набројавте, заедно со граѓаните да изградите подобра општина, верувам дека е потребно време, можеби колку еден мандат. Дали ќе влезете во нова битка на претстојните локални избори?

– Што се однесува на мојата кандидатура на претстојните локални избори засега можам да кажам дека искрено би сакал да ја испочитувам волјата на моите сограѓани кои ми ја даваат поддршката заедно да ја изградиме Македонска Каменица во модерна општина и не само да ги завршиме започнатите проекти, туку да реализираме нови во наредниот период. Јас сум спремен да прифатам и да одговорам на таков предизвик, но сепак конечната одлука ќе ја донесат највисоките органи на ВМРО-ДПМНЕ, откако ќе бидат направени сите потребни истражувања во пресрет на локалните избори. Тоа што досега е направено во Македонска Каменица е поздравено од граѓаните, се надевам дека развојот на нашата општина и во иднина ќе оди само по нагорна линија.