Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче, на прес-конференција по завршивањето на вториот круг од локалните избори, истакна дека резултатите потврдуваат дека СДСМ останува најсилната опозициска партија во државата, нагласувајќи дека овие избори се важна поука и насока за натамошната работа на партијата, како и за нејзиното понатамошно позиционирање во интерес на граѓаните и државата.
„Согласно со изборниот резултат на советничките листи и бројот на гласови, СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок. Ова е поттик да продолжиме и силно да се бориме против оваа власт, која никогаш повеќе нема да има таква поддршка каква што имаше на изборите минатата година,“ изјави Филипче.
Тој додаде дека резултатите од вториот круг се јасен сигнал за идните чекори на СДСМ и насоката во која ќе се движи партијата.
– Овие избори се јасен патоказ за СДСМ и за мене како претседател. Јасно е какви политички и кадровски промени треба да се направат, и тие ќе се случат во наредните денови, ќе има седници на Извршниот одбор и на Централниот одбор на кои ќе ги обзнанам тие промени. Секако, ќе планираме и конгрес на кој ќе се дискутираат политиките за следниот период, изјави Филипче, додавајќи дека не размислува за оставка бидејќи е на функцијата кратко време.
Тој потврди дека потпретседателката Ана Чупеска поднела оставка, а во однос на прашањето дали се најавени други оставки, рече дека јавноста наскоро ќе биде информирана за дополнителни кадровски решенија.

