Нов рекорд за најдалечно човечко вселенско патување од Земјата

Екипажот на мисијата Артемис 2 постави нов рекорд за најдалечно човечко вселенско патување од Земјата, откако леталото Орион го надмина досегашниот максимум што го држеше Аполо 13 од 1970 година. НАСА соопшти дека историскиот момент бил достигнат на 6 април 2026 година, кога астронаутите се оддалечиле повеќе од 248.655 милји од Земјата, а на најоддалечената точка мисијата треба да достигне околу 252.760 милји.

Станува збор за прва човечка лунарна мисија на НАСА по повеќе од половина век. На бродот се наоѓаат астронаутите Рид Вајзман, Виктор Гловер, Кристина Кох и канадскиот астронаут Џереми Хансен, кои на 1 април 2026 полетаа во рамки на десетдневната тест-мисија околу Месечината. Артемис 2 е прв екипиран лет на системот СЛС-Орион и клучен чекор во подготовките за следните фази од американската програма за враќање на луѓето на Месечината.

Во текот на лунарниот прелет, екипажот изведува набљудувања на површината на Месечината и снима фотографии со висока резолуција, вклучително и од делови од нејзината далечна страна што луѓето никогаш претходно не ги виделе на ваков начин. НАСА објави дека за време на прелетот кабината на Орион била затемнета за астронаутите да имаат подобра визуелна перцепција на релјефот, боите и геолошките карактеристики на Месечината.

Според распоредот на мисијата, Орион треба да помине на околу 4.070 милји од површината на Месечината, по што ќе започне враќањето кон Земјата по таканаречена free-return траекторија. Токму овој прелет, покрај симболиката на враќањето на човештвото во длабоката вселена, има и силна технолошка тежина, одоносно тоа треба да покаже дека системот е подготвен за уште поамбициозни мисии во рамки на програмата Артемис.