Хорор во зоолошка градина: Маж фрлил тригодишно дете меѓу крокодили – лекарите се борат за неговиот живот

Тригодишно момче се наоѓа во критична, но стабилна состојба, откако било фрлено во просторот со крокодили во зоолошката градина „Џонсонс“ во Олд Херст, Кембриџшир. Полицијата уапсила 30-годишен маж под сомнение за обид за убиство.

Инцидентот се случил во четвртокот околу 13:30 часот, по што детето итно било пренесено во болницата „Аденбрук“ во Кембриџ, каде лекарите му укажуваат интензивна медицинска помош.

Од полицијата во Кембриџшир соопштија дека истрагата е во тек и дека во моментот разговараат со сведоците кои се наоѓале во зоолошката градина за да ги утврдат точните околности.

Главниот детектив Верити Мекан изјави дека засега нема информации дека осомничениот маж и детето биле поврзани.

„Во оваа фаза од истрагата разговараме со лицата кои биле присутни во зоолошката градина за подобро да ги разбереме околностите на инцидентот. Не веруваме дека мажот и детето се поврзани. На семејството на детето му се обезбедува поддршка во болницата и нашите мисли се со нив“, изјави Мекан.

Случајот го коментираше и локалниот пратеник Бен Обесе-Џекти, кој ја повика јавноста да не шири шпекулации додека трае кривичната истрага.

Advertisements

Зоолошката градина „Џонсонс“ е семеен комплекс во кој се наоѓаат повеќе од 100 животни, меѓу кои африкански лавови, бенгалски тигри, крокодили и други егзотични видови.

Полицијата потврди дека состојбата на тригодишното момче останува критична, но стабилна, а специјално обучени службеници им пружаат поддршка на неговите најблиски.

Истрагата за овој шокантен инцидент продолжува.