Страшен судир на воз и камион: еден загинат, 21 повреден

Едно лице го загуби животот, а 21 лице се повредени во железничка несреќа во југозападна Словачка, кога патнички воз се судрил со камион на железнички премин во близина на градот Дунајска Стреда.

Според првичните информации, во несреќата загинал возачот на камионот. По ударот, возот излетал од шините, а на локомотивата била предизвикана поголема штета, при што дошло и до истекување гориво.

Надлежните служби извршиле увид на местото на несреќата, додека полицијата работи на утврдување на околностите и причините што довеле до судирот.