СДСМ ја обвини Владата за, како што велат, „економски дебакл“, оценувајќи дека граѓаните секојдневно се соочуваат со раст на цените и пад на животниот стандард, без конкретни мерки од страна на премиерот Христијан Мицкоски.
Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, посочи дека поминале 60 дена од почетокот на кризата на Блискиот Исток, а, според неа, Владата не презела чекори за заштита на стандардот на граѓаните.
„Помина и Велигден, иако Мицкоски најавуваше нови мерки по празниците, повторно излажа – наместо мерки, продолжија поскапувањата“, рече Кузеска.
Таа наведе дека според последните податоци на Државниот завод за статистика, зеленчукот поскапел за над 38 проценти, овошјето за над 10 проценти, а продажните цени во земјоделството за 23 проценти. Дополнително, според СДСМ, веќе два месеци се зголемени и цените на месото, маслото, јајцата и другите основни производи.
„Ова не се обични бројки, туку секојдневие со празни фрижидери и празни џебови“, додаде Кузеска.
Од СДСМ велат дека предложиле конкретни мерки – намалување на ДДВ за храна на нула проценти, намалување на акцизите, намалување на ДДВ за горивата на 5 проценти и намалување на патарините, оценувајќи дека Владата сега ги најавува истите мерки, но „доцна и половично“.
Кузеска истакна дека додека во други европски земји се носат пакети за поддршка, во Македонија, според неа, Владата се задржува на анализи и најави без конкретна реализација.
Во однос на економските показатели, СДСМ тврди дека странските инвестиции паднале од 1,2 милијарди евра на 467,5 милиони евра, а долгот за поврат на ДДВ кон компаниите достигнал 180 милиони евра. Дополнително, како што наведуваат, десетици фабрики се затворени, а над 1.500 работници останале без работа.
„Реалноста е дека народот осиромашува. Потребни се итни мерки за намалување на цените и поддршка на граѓаните и економијата“, порача Кузеска.



