Познатиот актер Стјуарт Меклин е пронајден мртов, откако осум дена се водеше како исчезнат.
Канадските власти соопштија дека постои сомнеж дека 45-годишниот актер бил жртва на убиство, а неговите посмртни останки биле откриени во областа Лајонс Беј, во Британска Колумбија.
Веста за неговото исчезнување денови ја потресуваше јавноста, а потрагата заврши со најцрното можно сценарио. Истражителите сега се фокусирани на утврдување на околностите под кои дошло до неговата смрт.

Меклин последен пат бил виден во својата вила во Лајонс Беј на 15 мај. Неколку дена подоцна, на 18 мај, полицијата добила пријава за исчезнато лице и започнала интензивна потрага.
Интегрираниот тим за истрага на убиства (IHIT) соопшти дека истражителите активно собираат докази, прегледуваат снимки од безбедносни камери и разговараат со сведоци за да состават временска линија на неговите последни движења.
– Работиме на пронаоѓање одговори за семејството и пријателите на господинот Меклин – изјави капларката Естер Тапер од IHIT.
Од полицијата наведуваат дека случајот се третира како изолиран инцидент, но засега не се откриваат дополнителни детали за можните осомничени или мотивот.
Тажната вест ја потврди и агенцијата „Lucas Talent Inc.“, преку емотивна објава на агентката Џоди Каплан.
– Со огромна тага се простуваме од нашиот сакан клиент Стју Меклин. Повеќе од десет години имав чест да работам со него. Беше професионален, посветен и секогаш носеше позитивна енергија. Ќе ни недостига на сите – напиша таа.
Стјуарт Меклин беше познат по своите улоги во сериите „Virgin River“, „Murder in a Small Town“, „Happy Face“ и „Arrow“, каде остави силен впечаток кај публиката.



