Страшнa трагедија: Младиот фудбалер Филип (21) загина во тешка сообраќајна несреќа

Страшна трагедија ја потресе спортската јавност откако во тешка сообраќајна несреќа на Ибарската магистрала животот го загуби младиот фудбалер Филип Илиќ (21).

Несреќата се случила меѓу Рипањ и Рушањ, во правец кон Белград, кога дошло до судир помеѓу патнички автомобил и товарно возило. Од силината на ударот, Филип Илиќ, кој се наоѓал на совозачкото место, починал на самото место.

Возачот на автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и бил итно пренесен во Ургентниот центар, додека третото момче кое било во возилото, по лекарскиот преглед останало на местото на несреќата. Возачот на камионот поминал без повреди.

Веста за трагичната смрт на младиот фудбалер длабоко го потресе неговиот клуб ОФК Гунцати, кој преку емотивна порака на социјалните мрежи се прости од својот играч.

„Ден што не требаше да осамне. Со голема тага и болка известуваме дека трагично нè напушти нашиот играч, другар и брат Филип Илиќ на 21-годишна возраст. Со жешки глави пишуваме и не знаеме од каде да почнеме… Со својата добрина, однесување и однос кон другите покажа што значи пред сè да се биде човек. На теренот го даваше максимумот, а надвор од него беше другар на кого секој можеше да се потпре. Твојата насмевка, твојата енергија и твоето другарство засекогаш ќе останат дел од нас. Никогаш нема да те заборавиме. Почивај во мир, брате наш. До семејството изразуваме најискрено сочувство“, стои во објавата на клубот.

Поради големата трагедија, натпреварот против ФК Пиносава, кој бил закажан за денес, е откажан.

Advertisements